Откако матичните комисии не доставиле дополнет предлог, пратениците без расправа ги донесоа, Законот за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Законот за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.
Беше донесен и Законот за возила во второ читање, кој предвидува до крајот на 2024 да се продолжи рокот за легализација на трактори и други мобилни машини што се користат во земјоделска механизација.
Според пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, проблематично е што не е прецизирано за кои возила се однесува предложениот закон. Неговата пратеничка група имала амандмани во собраниската Комисија за економија за подобрување на текстот, но наместо тоа, како што рече тој во расправата, направени се лапсуси.
„Знаеме до кога е рокот, а не знаеме за која категорија ќе се однесува, што остава простор да се увезуваат такви возила и во наредниот период и ќе може да се легализираат. Овозможуваме легализирање на вакви возила за кои нема да знаеме од каде доаѓаат во државава. Ова е сериозна фалинка на законот“, рече Трајанов.
Панчо Минов, пак, му одговори дека со законот ќе се реши правната сигурност на имателите на овие возила и дека станува збор за легализација и за регистрација.
А министерот за надворешни работи Бујар Осамни изјави дека ратификацијата на договорите е од исклучителна важност за слободното движење на луѓе и услуги во рамки на Западниот Балкан.
„Договорите се од исклучителна важност во контекст на слободното движење на луѓе и услуги, согласно вредностите и најдобрата пракса на ЕУ. Берлинскиот процес ја потпомага интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ“, напиша Османи на својот фејсбук профил.