На денешната прес-конференција, актерската екипа говореше за процесот на создавање на претставата, за безвременоста на текстот на „Отело“ и посттрауматскиот синдром на луѓето што биле учесници во воените дејствија. Посочија дека тоа што регионот и Сараево го преживеаја во деведесеттите, Киев во изминатата година, а овие денови го преживуваат луѓето во Израел и појасот Газа остава далекусежни трауми на повеќе генерации.
Актерската екипа ја истакна благодарноста за соработката со режисерката Дмитриева и нејзиниот тим од Украина и посочија дека таа го предложила текстот „Отело“ како приказна за херој кој по војната мора да продолжи да живее во мирновременско опкружување.
Премиерата на претставата беше на Бриони во јули каде што се играла неколкупати и по сараевската премиера, вечерва во Скопје „Отело“ ќе биде изведена на затворањето на фестивалот РУТА.
Фестивалската публика на годинашнава „РУТА“ имаше можност да проследи шест претстави на ансамблите членки на РУТА и неколку театарски копродукции што го збогати фестивалот и поврзувањето на театарските куќи во регионот.