Се работи за блокирани пари од околу 700 илјади евра за кои се чека судска разврска. Тужителот, компанијата „Современ дом“, како еден од новите сопственици на „Скопски пазар“, смета дека Управниот и Надзорниот одбор на СП влијаеле, во една фаза од продавањето на акциите, на Собранието на акционери да донесе одлука за купување на сопствените акции на слободниот пазар. Тоа се случило во 2006 и 2007 година. Потоа Собранието на акционери одлучува овие акции да ги поништи. Ова е легитимно решение за да се спречи можно непријателско преземање на акциите, по што акциите се повлекоа според номиналната вредност. Разликата меѓу пазарната и номиналната вредност е 700 илјади евра, за што тужителот смета дека тогашните членови на Управниот и Надзорниот одбор се виновни и предизвикале штета на компанијата.
Одлуката за купување на сопствените акции е донесена на Собрание на акционери и во никој случај не може да се поврзат надлежностите на Собранието со оние на Управниот и Надзорниот одбор. Тоа го пишува и во учебниците. Според член 450 од Законот за трговски друштва, „Скопски пазар“ можел да повлекува и да поништува сопствени акции. А надлежен орган за тоа е Собранието на акционери, а не Управниот и Надзорниот одбор. На овие вештачења потпишани се четворица професори на Правниот факултет од Скопје.
Но, тоа очигледно нема никакво значење за нашето судство. Во име на новите сопственици, управител на „Скопски пазар“ е Младен Дамев, сопруг на тогашната и сегашна претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Судијка на овој случај беше Александра Ристеска, која набрзо по пресудата (септември 2023) од судијка во Основниот кривичен суд Скопје I, станува апелациска судијка со одлука на Судскиот совет (ноември 2023). Пресудата (К.бр 998/18) се разбира беше во корист на тужителот Младен Дамев.
Откако во јавноста излегоа сомневањата за можниот конфликт на интереси на Весна Дамева со случајот во кој нејзиниот сопруг Младен Дамев како управител кој активно учествувал на рочиштата на овој случај, Дамева изјавува дека дома не разговараат за службени работи. Таа на седница на Судски совет на 5 јуни 2023 година им објаснуваше на членовите на Советот дека немала никаков конфликт на интереси додека ја извршувала функцијата.
На таа седница се разгледувале известувањата за нејзиното учество во работа на две комисии, каде се рангирале судии од пониски во повисоки судови и каде се барало одговорност за еден судија. За дел од членовите на Судскиот совет спорно е тоа што токму тие судии биле дел од судечки совет во процеси каде бил инволвиран сопругот на Весна Дамева, кој бил претседател на Управниот одбор и директор на претпријатието „Скопски пазар“, кое е оштетна странка, но и тужител во различни судски процеси.
„Јас ниту треба, ниту сум морала да знам за деловните обврски, за судските постапки или за какви било постапки на мојот сопруг. Ние дома не разговараме за ова, ниту тој знае јас во што постапувам, ниту јас знам за него. Второ, мојот сопруг или кој било член од семејството нема законска обврска мене да ме известува за јас Вас да ве известам. Во овој момент знам за овие и ве известив веднаш штом дознав, а ќе ве известам веднаш ако дознаам и за други постапки“, им рече тогаш Дамева на членовите на Судскиот совет.
Тогаш се бараше Дамева да се изземе од постапките за судиите кои постапуваат во тие предмети. Членови на Судскиот совет побараа да се обезбедат сите податоци за овој случај. За Дамева тогаш ова беше хајка против неа.
За тогашните случувања во Судскиот совет загриженост изразија од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), но и од Блупринт групата за реформи во правосудството.
На прашањата на МКД.мк од Судскиот совет ни одговорија дека „немало, ниту пак била најавена постапка за испитување за можна вмешаност во конфликт на интереси, бидејќи од моментот на осознавањето Весна Дамева го известила Советот по што истата е изземена од постапување и одлучување од конкретните постапки“.
Но, фактите се малку поинакви.
Весна Дамева учествувала во комисии за оцена на судии, меѓу кои и за Александра Ристеска. Откако случајот излезе по медиумите, Дамева се иззема од работата на комисијата. Комисијата за рангирање на кандидат за избор на судија во повисок суд, во состав на Селим Адеми, претседател на Комисијата, Мери Радевска и Весна Дамева, членови на Комисијата, во февруари 2023 година извршиле оценување на способноста за усно и писмено изразување на сите кандидати, пријавени на огласот за судии во Апелацискиот суд Скопје. За ова има дописи меѓу Судскиот совет и судовите каде пријавените судии работат, за прибавување на податоци од календарот на закажани судења. Откако во јавноста се проширија информации дека кај Дамева има конфликт на интереси поради тоа што дел од судиите постапуваат во предмети каде нејзиниот сопруг е странка или оштетен, таа дури во месец јуни 2023 година го известила Судскиот совет и постапката за тие судии се повторила без Дамева. Меѓу судиите за унапредување била се разбира и Александра Ристеска од Основниот кривичен суд. Поради тоа целата постапка била пролонгирана и записникот за бодирање и предлог ранг листата биле доставени до кандидатите дури во септември 2023 година. Тогаш е и донесена и пресудата (14 септември), а веќе во ноември Ристеска станува апелациски судија.
Овој избор на судии во Апелацискиот суд Скопје е одолговлекуван две години. Случајно или не, откако овој случај беше пресуден во прв степен, изборот е завршен. Познавачите на работите во македонското судство велат дека ова е крајно невообичаено затоа што никогаш порано не се чекало толку долго на избор.
Во целиот овој случај има уште едно интересно временско преклопување. Во претсавката до Советот на јавни обвинители Сашо Давитковски, поранешниот директор на „Скопски пазар“ и член на Управниот одбор, бара да се утврди непрофесионалното однесување на јавниот обвинител Јован Цветановски. Имено, во Службен весник на 7 септември 2023 година беа објавени измените во Кривичниот законик со кои делото за кое се тужени членовите на Управниот и надзорниот одбор се избришани. Но, обвинителот смета дека измените се стапени на сила на 15 септемрви 2023, а пресудата е донесена на 14 септември. Вообичаено е ако законот во тек на постапката се смени, да важи поблагиот закон за обвинетиот.
Но не и во овој случај.
На 3 септември е закажано рочиште во Апелацискиот суд по жалбата на Давитковски и другите за овој случај.
А.Д.