сабота, 27 јули 2024

Палевски треба да биде распрашан од надлежен обвинител, за другите осомничени истрагата е при крај

По екстрадицијата на првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо од Турција, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, соопштија денеска од Јавното обвинителство (ЈО). Како што соопштија од ОЈО Скопје, за петтемина други осомничени во оваа постапка истрагата е во завршна фаза.

Објавено на

часот

Сподели

„Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор што веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази, кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста“, информираа од Јавното обвинителство.

Оттаму не кажуваат дали во рамките на истражните дејствија, Палевски ќе биде испрашан од надлежниот јавен обвинител и дали додека беше во екстрадициски притвор во Турција е испрашан по пат на меѓународна правна помош.

Од скопското обвинителство информираат дека за другите петмина осомничени во овој случај, од кои тројца се сомничат како соизвршители на тешки кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден е осомничен за помагање при грабнувањето на малолетната Вања и еден е осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември минатата година.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ