недела, 23 февруари 2025

Сиљановска-Давкова: МАНУ заслужува неопходна поддршка од барем 1 отсто од БДП

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети Македонската академија на науките и уметностите, вдомена во уникатното архитектонско дело на Борис Чипан.

Објавено на

часот

Сподели

Во долгата и плодна дискусија со членовите на Извршниот одбор на МАНУ: Живко Попов – претседател, потпретседателите Витомир Митевски и Алајдин Абази и дописниот член Блажо Боев, тие ја запознаа претседателката со историјата, биографските елементи и достигнувања на членовите, видот на проектите, врвните успеси, но и со хроничните и актуелни проблеми и предизвици.

Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов ѝ раскажа на претседателката на што работеле претходните 58 години академиците: научници и уметници, што откриле и створиле, каде и како се примениле откритијата и пронајдоците, со што нè задолжиле нас, но и човештвото.

За претседателката, МАНУ, како персонификација на критичкиот и творечки ум, врвно знаење и креативност, заслужува далеку поголема почит, но и неопходна поддршка од барем 1% од БДП, зашто нема подобра и поисплатлива инвестиција од онаа во науката и културата. Ако сакаме да фатиме чекор со технолошките предизвици, мора повеќе да вложуваме во науката. Ако сакаме да го негуваме и промовираме националниот и културниот идентитет, мора да вложуваме во културата.

Се разбира, на средба одржана на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, претседателката сметаше дека е важно да го истакне значајниот придонес на Одделението за лингвистика и литературна наука во МАНУ, изразувајќи верување дека навремените подготвителни активности за овој стожерен настан гарантираат достојно одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик.
Сепак, за неа, не е доволно и најважно да се манифестира посветеност на македонскиот јазик само при пригодни настани, туку е неопходно, мајчински да се грижиме за него постојано, секогаш и секаде.

Запознавајќи ги домаќините со иницијативата за изработка на Дигитален регистар на најуспешните, во функција на нивно вмрежување и поцврсто интегрирање во македонските работи, таа предложи и МАНУ да се вклучи во процесот.

На крајот, водството на МАНУ и претседателката изразија подготвеност за континуирана размена на идеи, предлози и сугестии, организирање научни дебати, конференции и проекти, како и културни настани под покровителство на претседателката.

Соговорниците, свесни и загрижени за драматичните промени во меѓународниот поредок, се согласија дека МАНУ е неодминлив субјект, креатор и партнер во креирањето стратешки пристап во барањето одговор на современите национални, регионални, европски и светски закани, дилеми и предизвици.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ