Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна суштинската вредност на македонскиот јазик како темел на македонскиот ентитет и идентитет, нагласувајќи ја неговата моќ да отвора нови хоризонти и да освојува нови универзуми. Таа упати искрени честитки за сета вложена енергија и посветеност во организацијата на зимската школа, која се одликува со богати програмски содржини и висококвалитетна настава, реализирана од реномирани предавачи и лектори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура“, истакна претседателката, изразувајќи задоволство што македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција и врвни резултати.
„Чест е да се биде покровителка на Петтата зимска школа на УКИМ, којашто е репрезент на врвната филологија и културологија. Чест е да се биде репрезент на најстариот, најреномиран државен Универзитет Св. Кирил и Методиј, носител на фундаменталната и стожерна мисија во високото образование и науката во Македонија, каде што го градев мојот академски пат како професорка и научна истражувачка. Чест е да се говори пред македонистички ‘океан’ како овој колосален собир. Импресивна е бројката на досегашни учесници на летните и зимските школи, на меѓународните конференции на Меѓународниот семинар на УКИМ – над 4.300 учесници од 70 земји, а фасцинантен е огромниот интерес за македонистиката во светот за кој сведочи досега рекордна бројка од 100-тина учесници на оваа Петта зимска школа (на далечина).
Одлично е што постои континуитет меѓу летните школи на Семинарот во Охрид и зимските школи што се одржуваат на далечина, во согласност со најновите можности со кои и денес, сите заедно – македонствуваме: јазично, книжевно и културолошки. Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура.
И со задоволство можам да кажам дека македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција, врвни резултати до кои се доаѓа преку студиозен раст и развој, развој во кој стожерно значење има Меѓународниот семинар при УКИМ. Во таа грандиозна мисија, во тој раскошен македонистички ‘мозаик’, кој секојдневно расте, значајна улога имате вие, почитувани и драги македонисти од сите континенти, кои од денес отворате нова страница во историјата на македонистиката“, рече меѓу другото претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.