Силјановска Давкова посочи дека оваа гимназија е столб на знаењето, чувар и засолниште на јазикот што, како што рече, низ вековите бил жигосуван, но никогаш непокорен.
„Првиот училишен час во 1945 година за мене не е само почеток на настава на современ македонски јазик, туку симбол на новото раѓање, на преродбата на македонскиот народ, чекор кон неговата духовна еманципација. Тогаш во времињата на надеж, но и на неизвесност, кога сеуште се слушаше ехото на војната и нејзината сенка беше надвисната над татковината, оваа гимназија ја прифати својата историска мисија да биде светилник на македонскиот јазик, на македонската култура, на македонскиот национален идентитет. Така, по многу сцили и харибди, македонскиот јазик конечно и трајно во битолската гимназија доби своја куќа, свој дом, свој, покрив“, истакна Силјановска Давкова.
Според претседателката, образованието е темел на прогресот на секоја држава и затоа порача, дека мора да се гради вистински однос кон образованието. Без знаење нема напредок, без јазик нема идентитет, рече Сиљановска-Давкова.
„Каква моќна меморија и порака има оваа гимназија. На првиот час се рецитирале Миладинов и Рацин на мајчин јазик, на македонски според стандардите што ги пропишал нашиот значаен, најзначаен лингивист и македонист Блаже Конески. Како претседателка и долгодишна професорка, како некоја која својот живот го посветила на образованието, горда сум на вашите достигнувања. Вие сте вреден и посветен колектив на даскали во најубавата смисла на зборот. Успесите што ги споменав се потврдени со бројни и значајни одликувања, награди и признанија. 80 години се зад нас, но пред нас се нови столетија. Ѕвончето што на 6 февруари 1945 година го означи првиот училишен час на македонски јазик, продолжува да одекнува. Почестена што сум што токму на овој јубилеј ми ја доделувате плакетата за особен придонес во развојот на македонскиот јазик и затоа порачувам, мораме да си го сакаме, негуваме и чуваме македонскиот јазик оти така ќе го сочуваме нашиот заеднички дом, Македонија“, истакна Силјановска Давкова.
Директорката на битолската гимназија Лидија Споа, освен на претседателката Силјановска Давкова, плакети им додели и на претседателот на МАНУ академик Живко Попов, на академик Владо Камбовски и на градоначалникот Тони Коњановски, поранешни ученици во гимназијата.