„Овој предлог се однесува на тоа да живееме подобро, да работиме помалку и да бидеме многу попродуктивни и економски поефикасни“, им кажа Диаз на новинарите.
Мерката треба да биде одобрена во парламентот, каде владата на левиот центар со социјалистичкиот премиер Педро Санчез нема јасно мнозинство и мора да балансира со барањата на неколку помали партии за да ги усвојува законите.
Диаз, која е и потпретседателка на владата, направила план за намалување на работното време до крајот на 2025 благодарение на поддршката на нејзината партија на премиерскиот мандат на Санчез.
Меѓутоа, каталонската сепаратистичка партија од десниот центар Жунтс веќе изрази противење на предлогот, додека главното здружение на работодавците ЦЕОЕ порача дека тој потег би ги зголемил трошоците на шпанските претпријатија и би ги направил помалку конкурентни.
По повеќемесечните преговори меѓу Диаз, синдикатите и претставниците на работодавците, разговорите со ЦЕОЕ беа прекинати во ноември откако работодавците инсистираа дека пократка работна недела не смее да се наметнува со закон, туку да се договара со колективните договори според потребите на секоја компанија.
„Бизнис светот е за дијалог, а не за монолог“, изјави денес претседателот на ЦЕОЕ Антонио Гараменди.
Диаз се судри и со министерот за економија Карлос Куерпо, кого го обвини дека „застанува на страна на работодавците“ откако тој предложи одложување на промената за една година за да им се даде време за прилагодување на помалите претпријатија.
Шпанската централна банка и поранешниот министер за економија предупредија дека повисоките трошоци на трудот би можеле да поттикнат инфлација и да го ограничат отворањето на нови работни места. По одлуката на владата, Куерпо изјави дека компаниите би можеле полесно да ја прифатат промената имајќи го предвид силниот економски раст на Шпанија, падот на инфлацијата и најниската стапка на невработеност во последните 16 години.