среда, 5 февруари 2025

Шолц: ЕУ има капацитет да возврати на американските царини

Германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека Европската Унија има капацитет да возврати на американските царини, пренесуваат агенциите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи во Брисел пред првата средба на лидерите на ЕУ посветена на одбраната, Шолц кажа дека темата на соработката меѓу ЕУ и Соединетите Американски Држави ќе биде интензивно разгледувана.

„И САД и Европа имаат корист од трговијата со роба и услуги. Ако трговските политики тоа го отежнат, ќе биде лошо за двете страни“, кажа тој.

Шолц ја истакна способноста на ЕУ да реагира на најавените американски царини.

„Она што е јасно е дека, како економски регион, можеме да ги обликуваме своите политики како одговор на царините со сопствени царини. Тоа е нешто што мораме и што ќе го направиме. Целта би требало да биде постапување на начин кој води кон соработка“, порача Шолц.

Исполнувајќи го предизборното ветување, американскиот претседател Доналд Трамп во саботата ја потпиша извршната наредба за воведување царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико и 10 отсто на кинеските производи.

ЕУ сега се подготвува за можна трговска војна.

Во неделата вечерта Трамп на новинарите им изјави дека „дефинитивно“ ќе воведе царини на европските производи.

„Можам тоа да ви го кажам, бидејќи навистина ја искористуваа ситуацијата. Знаете имаме дефицит поголем од 300 милијарди долари“, кажа Трамп. „Европската унија, тоа е вистинско злосторство што тие го направија“.

Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц изрази загриженост поради можните американски царини за ЕУ за време на конгресот на својата партија во понеделникот, предупредувајќи дека царините никогаш не биле добар начин за решавање на трговските спорови.

Мерц истакна дека царините на Трамп на крајот ќе им наштетат на американските потрошувачи.

„ЕУ мора да влезе во преговори со САД како единствен блок“, кажа тој.

Заканите на Трамп со царини доаѓаат пред предвремените избори во Германија.

Трипартиската коалициска влада падна во ноември минатата година поради несогласувања околу буџетот и мерките за економско заздравување.

Германија ќе одржи предвремени избори на 23 февруари, а еден од клучните проблеми во кампањата е успорената економија.

Германската економија бележи пад втора година по ред во 2024. По падот од 0,2 отсто во последниот квартал во 2024, ѝ се заканува техничка рецесија ако падот продолжи и во првиот квартал на 2025.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ