сабота, 19 октомври 2024

Шефицата на ММФ: Нè чека тешка иднина, изгледите се мрачни

Новите прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сигнализираат тешка иднина за светската економија, обележена од слаб раст, ескалација на трговските тензии и голема задолженост, предупреди директорката Кристалина Георгиева.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не сум премногу песимистична, бидејќи ако го погледнеме движењето на светската економија, вистината е дека би можело подобро, но и многу полошо“, кажа Георгиева во седиштето на ММФ пред состаноците кои се одржуваат следната недела во Вашингтон.

Глобалната трговија повеќе не е мотор на растот како што некогаш беше, но не стана ни тег, кажа шефицата на ММФ, истакнувајќи дека децениите меѓузависност сепак биле брана за бранот трговски ограничувања кој почна по пандемијата.

Сè поизразениот протекционизам и сè поголемите трговски ограничувања му штетат ѝ глобалната економија, го ограничуваат растот на трговијата и ја кочат веќе ослабената светска економија, кажа Георгиева, на која овој месец и почна вториот петгодишен мандат во меѓународниот кредитор.

Меѓу ретките добри вести ги издвои сопирањето на инфлацијата и враќањето на стабилноста на цените, со уредно подобрување на ситуацијата на пазарот на трудот во САД и Европа. Соединетите Американски Држави не се во рецесија, иако каматните стапки во изминатите три циклуси предизвикаа значително ослабување на економската активност, и се очекува бројот на невработените да остане релативно низок, кажа таа.

Кина успорува, Индија забрзува, на американската економија ѝ оди прилично добро, но Европа може подобро, порачаа таа од седиштето на ММФ. „Нашите прогнози укажуваат на тешка комбинација на слаб раст и голема задолженост – мрачна иднина“, кажа Георгиева.

Растот во целост нема да биде доволен да се искорени сиромаштијата во светот, да се отворат потребниот број работни места или да се генерираат даночните приходи потребни за сервисирање на големиот долг и финансирањето на инвестициите, истакна шефицата на ММФ.

Високите цени несразмерно ги погодуваат сиромашните, а конфликтот на Блискиот Исток може да ескалира и да ги дестабилизира регионалните економии и глобалните пазари на роба, предупреди таа. Ја загрижува и зголемувањето на военото трошење бидејќи ги намалува расположливите средства за други приоритети, вклучувајќи ја помошта за земјите во развој.

Изгледите се мрачни, но може да се направи многу да се поттикне растот да се намали долгот и да се изгради поотпорна економија, истакна таа, додавајќи дека земјите треба да соработуваат за да ја зачуваат предноста на трговијата, да обезбедат фискален простор за зелената транзиција и да ги укинат субвенциите за фосилните горива.

И вештачката интелигенција може да биде корисен инструмент и да ја подобри продуктивноста, под услов владите да креираат механизми за управување. „Вештачката интелигенција итно бара регулаторни и етички одредби кои во основа ќе го опфатат целиот свет. Затоа што вештачката интелигенција не познава граници и веќе е насекаде присутна на мобилните телефони“, предупреди таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ