На вчерашната конференција за локални медиуми, јужнокорејскиот министер Шин Вон-сик рече дека контејнерите може да содржат и повеќе од 3 милиони артилериски гранати од калибар 152мм или 500.000 гранати од калибар 122мм.
„Исто така, можно е да се работи за комбинација, а може да се заклучи дека се испратени најмалку неколку милиони гранати“, изјави министерот Шин, пренесе агенцијата Јонхап.
Стотици севернокорејски фабрики за муниција работат со околу 30 отсто од својот капацитет поради недостаток на суровини и електрична енергија, а оние кои произведуваат артилериски гранати за Русија работат со „полна пареа“, додаде тој, без да го наведе изворот на информацијата.
Сеул и Вашингтон ги обвинија Пјонгјанг и Москва за трговија со оружје и ја осудија Северна Кореја за снабдување на Русија со оружје кое го употребува против Украина. И Русија и Северна Кореја го негираа ова, иако ветија дека ќе ја зајакнат воената соработка.
Американскиот Стејт департмент во петокот објави дека Северна Кореја од септември испорачала за Русија повеќе од 10.000 контејнери со муниција или слична опрема. Во замена, Северна Кореја добила околу 9.000 контејнери, чија содржина е главно храна. Шин вели дека ова помага за стабилизирање на тамошните цени.