вторник, 22 октомври 2024

Семејството на Асанж: Џулијан е опасно блиску до екстрадиција во Америка

Објавено на

часот

Сподели

Неговите адвокати рекоа дека повторно ќе се жалат до истиот суд, поради стравувањата дека тој би можел да го помине остатокот од својот живот во затвор поради објавувањето неколку илјади доверливи воени и дипломатски документи.

Во пресудата на три страници објавена во вторникот, судијата на Високиот суд на Обединетото Кралство Џонатан Свифт ги отфрли сите осум точки од жалбата на Асанж против екстрадицијата во САД, која во јуни минатата година беше потпишана од тогашната британска министерка за внатрешни работи Прити Пател.

Сепак, Стела Асанж, сопругата на Џулијан, рече дека нејзиниот сопруг веќе следната недела ќе подготви нова жалба до повисокиот суд, по што предметот ќе биде изнесен пред двајца нови судии на јавна расправа.

„Остануваме оптимисти, веруваме дека ќе победиме и дека Џулијан нема да биде екстрадиран во САД, каде што се соочува со обвиненија што би можеле да го стават во затвор до крајот на животот, во затвор со максимална безбедност, поради објавување вистинити информации за злосторства на американската влада “, рече Стела.

Таткото на Асанж, Џон Шиптон, рече дека основите на неговиот син за ново сослушување биле „јасни, цврсти и праведни“.

Во жалбата на Асанж се наведува дека Пател, како министерка, погрешила во одлуката да ја одобри екстрадицијата бидејќи барањето го прекршува договорот меѓу САД и Велика Британија, во кој се наведува дека „нема да биде одобрена екстрадиција доколку делото за кое се бара екстрадиција е политичко дело“.

Адвокатскиот тим на Асанж е категоричен дека желбата на Америка да дојде до Асанж е политички мотивирана.

Во жалбата се наведува и дека гонењето на Асанж е повреда на загарантираната слобода на говор и дека барањето екстрадиција е злоупотреба на судскиот процес во Британија.

Адвокатскиот тим на Асанж, исто така, истакна дека американската влада упорно погрешно ги толкува суштинските факти од случајот пред британскиот суд.

Одлуката на судијата Свифт им го остава последниот чекор на британските судови: одбраната има пет работни дена да поднесе жалба од 20 страници до совет од двајца судии, кој ќе одржи јавна расправа.

По тоа, веќе нема право на жалба во Британија, но Асанж сепак би можел да се бори против екстрадицијата пред Европскиот суд за човекови права, кој во декември минатата година потврди дека добил жалба од Асанж.

Асанж се соочува со 18 точки на обвинение за објавување доверливи документи од страна на Викиликс, кои беа резултат на протекувањето на поранешниот американски воен разузнавач Челзи Менинг.

Менинг беше осуден(а) на 35 години затвор, но беше ослободен(а) по амнестијата од Барак Обама во 2017 година.

Доколку биде прогласен за виновен, Асанж се соочува со вкупна казна до 175 години затвор.

Тој во моментов е во британскиот затвор Белмарш повеќе од четири години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ