„Зелено-белите“ од Битола ќе чекаат нова шанса за први бодови во Лигата на шампионите откако вечерва во драматичен финиш загубија од Пик Сегед.
Пелистер добро го отвори мечот и поведе со 2-1, но потоа постојано го бркаше водството на противникот, кој на еден момент во првиот дел имаше и +4, за на пауза да се замине со резултат 12-15.
Пик Сегед беше цврст и на почетокот од вториот дел и поведе со четири голови разлика (15-19), но потоа следуваше серија на Пелистер од 4-0 и израмнување (19-19).
Практично се играше гол за гол до самиот крај, Петровиќ прекрасно реализираше за 27-27 и се чинеше дека клубот од Битола конечно ќе се израдува на првиот бод.
Сепак, Зита возврати на спротивната страна и со гол на 8 секунди пред крајот обезбеди нова победа за Сегед.
Борзаш беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер со шест гола, пет погодоци на дебито постигна Филип Кузмановски, а со четири гола мечот го заврши Жарко Пешевски.