среда, 12 март 2025

Сеча на амазонската прашума за да се изгради автопат за климатски самит (ВИДЕО)

Нов „одржлив“ автопат кој минува низ десетици илјади хектари заштитена амазонска прашума се гради за климатскиот самит КОП30 во бразилскиот град Белем. Според Би-би-си, целта е да се олесни сообраќајот до градот, кој ќе биде домаќин на повеќе од 50.000 луѓе, меѓу кои и светски лидери, на конференцијата во ноември.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Државната влада ги истакнува „одржливите“ карактеристики на автопатот, но некои локални жители и чувари на природата се огорчени од влијанието врз животната средина. Амазонија игра клучна улога во апсорпцијата на јаглеродот за светот и зачувувањето на биодиверзитетот, а многумина велат дека ова уништување на шумите е во спротивност со самата цел на климатскиот самит.

По делумно изградениот пат, бујната прашума се издига од двете страни – потсетник на она што некогаш било таму. Трупци се наредени високо на расчистеното земјиште кое се протега на повеќе од 13 километри низ прашумата до Белем.

Багери и механизација се пробиваат низ шумското тло, асфалтирајќи го мочурливото подрачје за да направат пат кој ќе минува низ заштитеното подрачје.

Клаудио Верекете живее на околу 200 метри од местото каде што ќе биде патот, наведува Би-би-си. Заработувал со берење акаи бобинки од дрвјата што некогаш го зафаќале тој простор. „Сè е уништено“, рече тој, покажувајќи кон расчистениот простор. „Нашата берба веќе е исечена. Веќе го немаме тој приход за да го издржуваме семејството“.

Тој вели дека не добил никаков надомест од државната власт и во моментов се потпира на заштеди. Тој е загрижен дека изградбата на овој пат ќе доведе до дополнително уништување на шумите во иднина, сега кога областа е подостапна за бизнисите.

„Нашиот страв е дека еден ден некој ќе дојде овде и ќе рече: Еве малку пари, оваа област ни треба за да изградиме бензинска пумпа или складиште. И тогаш ќе мора да заминеме“.

„Ние сме родени и израснати овде во заедницата. Каде ќе одиме?“

Неговата заедница нема да биде поврзана со патот. „За нас што живееме покрај автопатот нема да има бенефит. Ќе има корист за камионите што ќе поминуваат. Ако некој се разболе и треба да оди во Белем, нема да може да го користи“.

Според Би-би-си, автопатот ќе одвои две области на заштитени шуми, а научниците се загрижени дека ќе го фрагментира екосистемот и ќе го наруши движењето на дивиот свет.

Проф. Силвија Сардиња е ветеринар за диви животни и истражувач во Универзитетската болница за животни. Таа и нејзиниот тим рехабилитираат диви животни со повреди, најчесто предизвикани од луѓе или возила. Откако ќе ги излечат, ги пуштаат назад во дивината – што, вели таа, ќе биде потешко ако автопатот е веднаш пред нивната врата.

„Од моментот кога ќе се расчистат шумите, има загуба. Ќе ја изгубиме областа за да ги ослободиме овие животни назад во дивината, природната средина на овие видови“, рече таа. „Копнените животни повеќе нема да можат да преминат на другата страна, со што се намалуваат површините каде што можат да живеат и да се размножуваат“.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и министерката за животна средина Марина Силва велат дека ова ќе биде историски самит бидејќи е „КОП во Амазонија, а не КОП за Амазонија“.

Претседателот вели дека состанокот ќе обезбеди можност за фокусирање на потребите на Амазонија, да се прикаже шумата на светот и да се претстави што направила федералната влада за да ја заштити. Но, проф. Сардиња вели дека иако овие разговори ќе се одржат „на многу високо ниво, меѓу деловни луѓе и владини претставници“, оние што живеат во Амазонија „не се слушнати“.

Државната влада Пара ја промовираше идејата за овој автопат, познат како Авенида Либердаде, од 2012 година, но таа постојано беше отфрлана поради загриженост за околината.

Сега, голем број инфраструктурни проекти се оживеани или одобрени за да се подготви градот за самитот на КОП.

Адлер Силвеира, државниот секретар за инфраструктура, го наведе овој автопат како еден од 30 проекти кои се во тек во градот за да се „подготви“ и „модернизира“, за „да можеме да имаме наследство за населението и што е уште поважно, да им служиме на луѓето за КОП30 на најдобар можен начин“.

Говорејќи за Би-би-си, тој рече дека тоа е „одржлив автопат“ и „важна интервенција за мобилноста“.

Тој додаде дека ќе има премини за диви животни, велосипедски патеки и соларно осветлување. Се градат и нови хотели, а пристаништето се реконструира за да можат да се закотват крузери и да се сместат вишокот посетители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ