Демократиит, кој се залага за постепен пристап кон независноста на Гренланд од Данска, обезбеди 29,9% од гласовите, што е голем скок од 9,1% што ги освои на изборите во 2021 година. Вториот најдобар резултат го постигна друга опозициска партија, Нелирак, која освои 24,5% од гласовите. Таа се залага за најбрз можен процес за стекнување независност и одвојување на Гренланд од Данска.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Доналд Трамп вети дека ќе го направи Гренланд дел од Соединетите Држави, велејќи дека тоа е од клучно значење за американските безбедносни интереси.
Но, на идејата се спротивставува мнозинството од 57.000 жители на Гренланд, кои се најдоа среде геополитичката трка за превласт на Арктикот, каде што брзото топење на мразот ги прави нејзините ресурси подостапни и отвора нови поморски рути.
„Луѓето сакаат промени… Сакаме повеќе работни места за финансирање на нашата благосостојба“, рече Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на Демократиит и поранешен министер за индустрија и минерали.
„Ние не сакаме независност утре, сакаме добри темели“, додаде Нилсен пред новинарите во Нук. Сега ќе разговара со други партии во обид да формира владејачка коалиција.
Владејачката партија Инуити Атакатигиит и нејзиниот партнер Сиумут, кои исто така тежнеат кон бавен пат на независност, освоија вкупно 36 отсто од гласовите, што е голем пад од 66,1 отсто што ги освоија пред четири години.
„Го почитуваме исходот од изборите“, рече премиерот Муте Егеде од Инуит Атакатигиит во објава на Фејсбук, додавајќи дека ќе ги слуша сите предлози во претстојните коалициски преговори.
Гренланд е поранешна данска колонија и е територија од 1953 година. Доби одредена автономија во 1979 година, кога беше основан нејзиниот прв парламент, но Копенхаген сè уште ги контролира надворешните работи, одбраната и монетарната политика и придонесува нешто помалку од 1 милијарда долари годишно за економијата.
Во 2009 година, Гренланд доби право да прогласи целосна независност преку референдум, но тоа сè уште не е направено поради загриженоста дека животниот стандард на жителите може да падне без данската економска поддршка.