Формирањето на Фискалниот совет е предвидено со реформскиот Закон за буџети, а го сочинуваат независни членови предложени од Народната банка, МАНУ и Државниот завод за ревизија, кои ги избира Собранието на Македонија.
Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка. На средбата во Министерството за финансии, присуствуваа и заменик-министерот за финансии Филип Николоски и државниот секретар во МФ Јелена Таст.
На средбата била истакната потребата од соработка и размена на материјали и информации, споделување документи, за операционализација и исполнување на улогата на телото. Во оваа насока наскоро ќе се одржи и состанок на кој во фокусот ќе биде подготовката на Буџетот за 2024 година.
„Фискалниот совет е дел од големата реформа во јавните финансии, каде независно тело ќе го надгледува спроведувањето на таргетите, оценува макроекономската поставеност и политиките кои се спроведуваат. Но, Фискалниот совет е важен сегмент од поставувањето на нов и подобар систем на јавните финансии, додека реформите предвидуваат и фискални правила, интегриран систем на јавни финансии, мерење на резултатите и голем број на други реформи кои ќе ја зацврстат структурата и ќе придонесат кон фискална одржливост“, посочи министерот за финансии Бесими и додаде дека улогата на Фискалниот совет е обезбедување сеопфатна оценка на фискалниот ризик, преку информации за можните закани по фискалната позиција на земјата и обезбедување интегриран пристап за управување со вакви ризици. Анализата на фискалниот ризик ќе придонесе кон подобро разбирање на позицијата на јавните финансии и на тој начин обезбедување поддршка за водење претпазливи фискални политики, како и зајакнување на отчетноста за управување со ризикот.
Фискалниот совет, согласно Законот, на независна, објективна и професионална основа ќе изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, Измената и дополнувањето на Буџетот на државата, Полугодишниот извештај за реализација на буџетот, Завршната сметка на Буџетот и друга документација поднесена пред Собранието на Македонија или објавена согласно овој закон и слично.
Реформите во јавните финансии имаат за цел подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, одржливост и континуитет во спроведувањето на политиките, поправичен модел гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање и следење и мерење на резултатите, велат од министерството. Реформите во јавните финансии се неопходни за забрзан економски раст и тие се потврдени во извештаите на меѓународните финансиски институции, а агенцијата Фич во последниот извештај констатира дека Владата продолжува со подобрување во управувањето со јавните финансии и го истакнува формирањето на Фискалниот совет.
На средбата од двете страни била истакната определбата за вложување на своите знаења и капацитети во насока на исполнување на оваа реформска агенда и остварување на повисоки стапки на раст и просперитет, стои во соопштението од МФ.