понеделник, 21 октомври 2024

Се очекува Иран наскоро да ѝ испорача на Русија и балистички ракети, покрај дронови

Европските власти очекуваат Иран да ѝ испорача балистички ракети на Русија многу брзо, потег што би можел да поттикне „итна реакција“ од сојузниците на Украина, изјавија за Блумберг извори запознаени со ова прашање.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иран ѝ достави на Русија стотици беспилотни летала за време на нејзината двеиполгодишна војна против Украина, но потенцијалното снабдување со балистички ракети би претставувало „опасна ескалација“, велат изворите на Блумберг, кои побараа анонимност за да разговараат за доверливи работи.

Изворите на Блумберг не сакаа да дадат проценки за видот и количината на балистичките ракети или периодот во кој тие би можеле да бидат испратени во Русија. Но, еден од надлежните изјави дека испораките би можеле да започнат многу брзо, односно за неколку дена.

Балистичките ракети обично летаат многу побрзо од крстосувачките ракети или беспилотните летала, што го отежнува нивното пресретнување и уништување. Покрај тоа, тие можат да носат значително поголем товар, што значи дека можат да направат многу поголема штета.

САД и другите сојузници на НАТО постојано го предупредуваа Техеран да не прави таков потег и, според изворите, сè уште прават дипломатски напори да го спречат тоа. Советот за национална безбедност на САД не одговори веднаш на барањето за коментар. Иранското Министерство за надворешни работи и неговата мисија во Обединетите нации не одговорија на прашањата на Блумберг.

Украинските сили се обидуваат да го запрат руското напредување во источниот регион Доњецк, а украинските градови и енергетската инфраструктура се изложени на постојана кампања на воздушни напади како што се приближува третата зима од војната.

На првиот ден од учебната година, Киев беше нападнат од руски баражен оган на крстаречки и балистички ракети и беспилотни летала, при што седум од 16-те балистички ракети ја избегнаа украинската противвоздушна одбрана, што сведочи за нивната ефикасност.

Арсеналот на балистички ракети на Москва ги вклучува оние од руско производство, како и севернокорејски, кои се сметаат за помалку прецизни. Во вчерашниот напад на главниот град беа вклучени ракети „Искандер-М“ од руско производство, како и севернокорејски КН-23, лансирани од регионите Брјанск, Курск и Воронеж, кои граничат со Украина, соопшти украинското воздухопловство.

Сојузниците на Украина се обидуваат да ги исполнат ветувањата дадени претходно оваа година за зајакнување на системите за противвоздушна одбрана на оваа земја разурната од војна. Неколку сојузници на НАТО допрва треба да ги исполнат ветувањата за испраќање системи за противвоздушна одбрана што ги дадоа на самитот на алијансата во Вашингтон во јули.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ