недела, 23 февруари 2025

СДСМ прашува зошто сè уште не е формиран инспекторат за употреба на македонскиот јазик

На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на партиска прес-конференција СДСМ потстети и ги истакна своите, како што наведуваат „државнички политики со кои успеа да го заштити, да го афирмира и да го унапреди македонскиот јазик“, додека беше на власт. Но истовремено прашуваат зошто сè уште, и по девет месеци, власта на ВМРО-ДПМНЕ не го формира инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, предвиден со Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

Според СДСМ, благодарение на нивните политики, македонскиот јазик денеска е признат во Обединетите нации, а со потпишување на договорот со Фронтекс, тој станал дел од јазиците кои официјално се користат во Европската Унија.

„Со буџетски средства ја поддржавме дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, со што трајно заштитивме 5 милиони вредни записи на македонски текстови. Го поддржавме и проектот за дигитализиран „Толковен речник на македонскиот јазик“. Го дигитализиравме и Правописот на македонскиот јазик, со што овие значајни јазични ресурси стануваат подостапни за пошироката јавност.

После 24 години, за прв пат во време на владата на СДСМ обезбедивме нови вработувања на научници во Институтот за македонски јазик. Минатата година го донесовме и Законот за употреба на македонскиот јазик, со што испишавме нова страница во историјата на јазичната и културната политика во нашата држава. Со овој закон се воведоа значајни мерки, меѓу кои и: задолжително лекторирање на сите официјални материјали со јавно објавување на лекторите, вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта, основање на инспекторат за употреба на македонскиот јазик за контрола на примената на законот. Но и стипендирање на ученици и студенти на сите нивоа за проучување на македонскиот јазик и отворање нови работни места за лектори во институциите, училиштата, издавачките куќи и медиумите“, вели Маја Серафимовска – Борозан од Форумот на жени на СДСМ.

Според СДСМ, овој закон е конкретен доказ за нивната грижа за македонскиот јазик, за неговото унапредување и афирмирање.

„За жал после 9 месеци, власта нема ништо преземено, иако има законски обврски за тоа. Зошто не е основан инспекторатот за употреба на македонски јазик? Зошто нема вработување лектори? Од ДПМНЕ се гласни како опозиција, а како власт не прават ништо. Тоа е истата партија која ликот и делото на еден од најголемите великани Блаже Конески го нарекуваше ‘џуџето од Небрегово’, која досега нема направено ништо за унапредување на македонскиот јазик. На меѓународниот ден на мајчиниот јазик, СДСМ ја повикува власта да покаже барем малку грижа за македонскиот јазик и да ги преземе сите законски обврски што досега не се преземени: веднаш да биде отворен инспекторатот за македонски јазик и сите останати обврски кои не се исполнети“, порачуваат од СДСМ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ