„Наместо решенија за пациентите, слушаме само изговори од власта: комплицирани административни процедури, недостиг од регистар за лекови, зголемен број пациенти, па сè до признанието на директорот на Фондот за здравствено осигурување дека му треба време за да ги реши проблемите,“ изјави Зеќири.
Посочи дека директорот на ФЗОМ, Клековски, признал дека укинувањето на дозволата на директорите да набавуваат лекови на реверс е причина за кризата.
„Ако цела 2024 година не се набавувале лекови на реверс, зошто не се реагираше порано? Зошто не се направи план за набавки?“, прашуваат од СДСМ.
Зеќири истакна дека неодговорното и ненавремено планирање на јавните набавки за овие лекови го става животот на онколошките пациенти во опасност.
„Пациентите со метастатски канцер зависат од оваа терапија. Дали власта е свесна дека нивниот живот е загрозен?“
СДСМ ги повика Министерството за здравство и ФЗОМ да преземат итни мерки за обезбедување на потребната терапија, како и за зголемување на здравствениот кадар на Клиниката за онкологија.
„Овој колапс на Клиниката за радиотерапија и онкологија е доказ за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари да одговорат на потребите на граѓаните. Нема ништо од ветените реформи и подобрувања,“ рече Зеќири.
Таа го осуди и планот за обезбедување лекови преку донации, нарекувајќи го „срамен“ во услови кога владата троши пари за луксуз, нови авиони и патувања.
„Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој функционира превентивно, одговорно и во нивен интерес. Никој нема право да го ризикува здравјето на граѓаните,“ заклучи Зеќири.