вторник, 11 февруари 2025

Пентагон испраќа 1.500 војници да помогнат во обезбедувањето на границата меѓу САД и Мексико

Пентагон ќе започне со распоредување до 1.500 војници во наредните денови за да ја обезбеди јужната граница, потврди во средата Белата куќа, спроведувајќи ги плановите што претседателот Доналд Трамп ги наведе во извршните наредби за сузбивање на имиграцијата веднаш откако тој ја презеде функцијата.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вршителот на должноста секретар за одбрана Роберт Салесес се очекува да ги потпише наредбите за распоредување, но сè уште не е јасно кои војници ќе бидат испратени, а вкупниот број веројатно ќе варира.

Останува да се види дали војниците ќе работат на спроведувањето на законот, што на американските војници ќе им даде поинаква улога по повеќе децении.

„Ова е нешто на што претседателот Трамп водеше кампања. Американскиот народ го чекаше ова време – нашето Министерство за одбрана навистина сериозно да се зафати со домашната безбедност. Ова е приоритет број еден на американскиот народ“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

На војниците ќе им се придружат околу 2.500 припадници на Националната гарда и резервните сили кои веќе се таму. Во моментов нема активни војници кои дејствуваат долж границата долга околу 3.200 километри.

Се очекува војниците да бидат искористени за поддршка на агентите на граничната патрола, во логистиката, транспортот и изградбата на бариери, изјавија американските власти, кои сакаа да останат анонимни. Војниците извршуваа слични должности и порано, кога и Трамп и претходниот претседател Џо Бајден испратија војници на границата.

На војниците им е забрането со закон да вршат должности за спроведување на законот, но тоа може да се промени. Трамп издаде извршна наредба со која се бара од новиот секретар за одбрана и новиот шеф за домашна безбедност да поднесат извештај во рок од 90 дена дали веруваат дека треба да се користи Законот за бунт од 1807 година, што ќе им овозможи на овие трупи да се користат во цивилното спроведување на законот на територијата на САД.

Последен пат овој правен акт беше искористен во 1992 година за време на немирите во Лос Анџелес од протестот поради ослободувањето на четворица полицајци обвинети за претепување на Афроамериканецот Родни Кинг.

Распоредувањето на војници е еден од првите чекори во планот на Трамп за проширување на употребата на војската долж границата. Во една од своите први наредби во понеделникот, Трамп му наложи на својот секретар за одбрана да излезе со план за „запечатување на границата“ и спречување на „нелегалната масовна миграција“.

Трамп за време на своето инаугуративно обраќање во понеделникот рече дека ќе прогласи вонредна состојба на јужната граница на САД.

„Секој нелегален влез веднаш ќе биде запрен и ќе започнеме процес на враќање на милиони и милиони странски криминалци на местата од кои дојдоа“, рече Трамп.

Воен персонал се испраќа на границата речиси постојано од 1990-тите за да помогне во решавањето на проблемите со миграцијата, трговијата со дрога и транснационалниот криминал.

Граничната патрола има околу 20.000 агенти. Иако повеќето од нив се наоѓаат на јужната граница, службата е одговорна и за заштита на северната граница со Канада. Агентите обично имаат задача да бараат шверцери на дрога или луѓе кои се обидуваат да влезат во земјата неоткриени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ