Според хрватските извори, имидаклопридот е поврзан со временска кумулативна токсичност, што значи дека неговата штетност се зголемува со продолжена изложеност. ЕУ одамна ја забрани неговата употреба на отворени полиња, нагласувајќи ја потребата од строга контрола врз земјоделските производи.
Македонските власти негираат дека сме произвеле отровна зелка
Од македонска страна, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ги демантираше обвинувањата. Тој истакна дека инспекциите спроведени по вратената пратка покажале дека нема докази за присуство на забранети пестициди.
„Направените анализи покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура. Не можам да потврдам дали станува збор за грешка на хрватските контроли, но категорично изјавувам дека кај посочениот производител не беа пронајдени недозволени пестициди,“ изјави министерот.
Тој посочи и дека Македонија активно работи на засилување на контролите за недозволена трговија со пестициди, со цел да се спречат вакви инциденти. Исто така, се размислува за проширување на листата дозволени препарати за да им се овозможи на земјоделците пристап до поефикасни и поевтини решенија.
Овој случај ја отвори дебатата околу безбедноста на македонските земјоделски производи. Додека хрватските инспекции предупредуваат на присуство на отровни пестициди, македонските анализи ги демантираат овие наоди.
Дилемата дали станува збор за грешка во хрватската контрола или за вистински проблем со употреба на недозволени средства останува отворена.