четврток, 23 јануари 2025

Самарџиоски во Бизнис клуб: Мал пазар како македонскиот не може да остане конкурентен без поддршката од поголемите соседни пазари

Дефинитивно инфраструктурата е еден од клучните фактори за развој на државата и на регионите. Таму каде што има добра инфраструктура градовите живеат и работат. За жал, регионот од каде што доаѓам, Пелагонија, каска зад сите региони во Македонија, изјави Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска пиварница, во последното издание на поткастот Бизнис-клуб со Бранко Азески.

Објавено на

часот

Сподели

Во разговорот Самарџиоски истакна дека недостигот од инфраструктура ги попречува економската активност и привлекувањето нови инвестиции. Според него, оваа област останува слепо црево на нашата држава, што доведува до затворање компании и до недостиг на интерес од странски инвеститори.

„Недостигот од инфраструктура и инвестиции во овој регион доведува до затворање компании и до недостиг на интерес од странски инвеститори. Ако нема инфраструктура, младите ја напуштаат таа област и се селат во поголеми градови“, додаде тој.

Како клучна мерка за подобрување на инфраструктурата Самарџиоски ја нагласи потребата од нови транспортни коридори, како што е патот Велес–Прилеп–Битола–Лерин–Игуменица, со што ќе се растовари солунското пристаниште и ќе се отворат нови пристапи до пристаништата во Игуменица, Грција и во Драч, Албанија.

Самарџиоски во разговорот со Азески, исто така, ја нагласи важноста на регионалната соработка за економскиот напредок на Македонија, посочувајќи дека мал пазар како нашиот не може да остане конкурентен без поддршката од поголемите соседни пазари.

„Не едни да бидат доминантни, а други да бидат потчинети. Треба да се создадат услови за вистински партнерски односи, кои ќе помогнат во развојот на нашата економија. Мал пазар како Македонија не може да оди напред без соработка со поголемите пазари,“ изјави Самарџиоски.

Сашко Самарџиоски е назначен за генерален директор на Прилепска пиварница во 2007 година, а неговото лидерство се карактеризира со фокус на корпоративното управување, кое вклучува систематизација на процесите и на процедурите заради подобро управување со компанијата.

Прилепска пиварница минатата година прослави еден век постоење. Во 1979 година станa дел од светското семејство на компанијата Пепси. Инвестициите во високата технологија ја направија Прилепска пиварница една од најмодерните на Балканот. Има добиено голем број награди вклучувајќи и награди за најдобро продадени пијалаци Пепси од глава на жител во земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ