Тој за Дневни аваз потврди дека меѓу Вашингтон и Сараево веќе е договорена депортацијата на првите шест лица од таа група и таа ќе се случи во следните денови.
„По депортацијата на првите шест, која се очекува, ни остануваат уште 175. Ги чекаме американските пописи за да видиме со која динамика тие ќе се депортираат. Оние кои легално престојуваат во САД немаат причина за грижа“, изјави Алкалај.
Тој објасни дека депортацијата претежно се однесува на лица кои извршиле различни кривични дела, а тврди дека тие самите се одлучиле за враќање во БиХ бидејќи во спротивно би можеле да завршат во Гвантанамо или во Салвадор, каде американската влада сака да ги испрати најголемиот дел лица со нерегулиран статус кои сака да ги депортира.
„Подобро е да се вратат во БиХ, каде ќе биде одлучено дали оние кои се осудени ќе го продолжат издржувањето на казната. Станува збор за луѓе кои извршиле полесни или потешки кривични дела, за тоа не дискутираме, но тоа ги дисквалификува да останат во САД“, кажа босанскохерцеговскиот амбасадор.
И министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ потврди дека забрзано се спроведуваат мерки со цел прифаќање на лицата депортирани од САД.
Тој за порталот Кликс кажа дека уште минатата недела од амбасадата на САД во Сараево добиле „многу енергичен повик“ во облик на предупредување дека постои одлука на американската влада која од сите матични држави бара соработка во депортацијата на нивните граѓани кои нелегално престојуваат во САД.
„Имавме ургентна ситуација со шест лица кои требаше итно да бидат депортирани од Америка назад во БиХ и можам да кажа дека во краток рок, за само два дена, успеавме да ги завршиме сите потребни процедури“, кажа Конаковиќ.
Но, на властите на БиХ сепак им останува проблемот како да го уредат статусот на своите граѓани кои Вашингтон ги депортира, а таму извршиле некои кривични дела.
БиХ и САД немаат ни договор за екстрадиција, па нејасно е под кои услови оние кои се осудени во САД на издржување казна ќе продолжат кога ќе стигнат во БиХ.