вторник, 11 март 2025

САД и Украина утре преговараат во Саудиска Арабија, Зеленски нема да биде на состанокот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во Саудиска Арабија на состанок со престолонаследникот и фактички лидер на државата Мохамед бин Салман, ден пред разговорите меѓу украинските и американските функционери во кои Вашингтон полага надеж за окончување на војната со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Разговорите меѓу украинските и американските функционери во вторник се првата официјална средба по неуспешниот состанок на Зеленски во Белата куќа. Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп Стив Виткоф кажа дека има голема надеж во разговорите.

„Мислам дека заминуваме таму со очекување дека ќе оствариме значителен напредок“, кажа Виткоф за Фокс њуз.

На прашањето дали мисли дека Зеленски оваа недела повторно ќе отиде во Соединетите Американски Држави за да го потпише договорот за минералите, Виткоф кажа: „Навистина се надевам. Сите знаци се многу, многу позитивни“.

Американскиот државен секретар пред патот денес го повтори тој оптимизам, иако истакна дека има уште детали кои треба да се разработат околу договорот за минералите.

Зеленски кажа дека нема да присуствува на разговорите со американските претставници во вторник и дека во украинската делегација ќе биде шефот на неговиот кабинет, неговите министри за надворешни работи и одбрана и висок воен функционер.

„Од наша страна сме целосно посветени на конструктивниот дијалог и се надеваме дека ќе ги договориме потребните одлуки и чекори“, објави Зеленски на мрежата Икс. „На масата се реални предлози. Клучно е брзо и ефикасно да се дејствува“.

Американските функционери кажаа дека планираат да ја искористат средбата со Украинците делумно и за да утврдат дали Киев е спремен да направи материјални отстапки кон Русија за да ја оконча војната.

„Сакаме да видиме дали тие Украинци се заинтересирани не само за мир, туку за реален мир“, кажа еден американски функционер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ