„Неказнивоста на НАТО нападите на Југославија создаде нови претпоставки за нови воени акции низ светот под паролата дека станува збор за вредностите слободата и демократијата“, се наведува во денес усвоеното барање по повод 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на СРЈ.
Во апелот упатен до ОН, меѓународните парламентарни организации и парламентите на странски држави, пратениците на Думата повикуваат и на спротивставување на „обидите за искривување на историската вистина за трагичниот настан од 1999 година“, пренесува руската агенција РИА Новости.
Претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин напиша на Телеграм дека „НАТО по налог на Вашингтон ги бомбардираше Белград и други градови во Југославија, заобиколувајќи го Советот за безбедност на ОН“ и дека „светот е должен правично да ги оцени настаните од тие години, да ги повика на одговорност и да ги осуди одговорните за уништувањето на Југославија“.