недела, 23 февруари 2025

Русија синоќа во неколку бранови го нападна Киев и други делови на Украина

Русија започна неколку бранови ракетни и напади со беспилотни летала во текот на ноќта насочени кон Киев и други делови на Украина, при што загина еден цивил во Кривји Рих и оштети згради и автомобили во Киев и на други места.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Еден маж почина во болница, 30-годишна жена е тешко повредена во ракетните напади на Кривји Рих“, напиша Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск на апликацијата за пораки Телеграм. Тој додаде дека е оштетена зградата во која се давале инфраструктурни услуги. Инаку, Кривји Рих е родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Три лица се повредени во напад со беспилотно летало во регионот на Одеса кога се запали приватна куќа“, објави на Телеграм Олех Кипер, гувернер на тој регион на украинското Црно Море.

„Во нападот на југоисточниот регион Запорожје е повредена и 53-годишна жена, оштетени се неколку станбени куќи“, изјави Иван Федоров, гувернер на регионот Запорожје.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека повеќекратните напади со беспилотни летала врз главниот град на Украина оштетиле неколку станбени згради и автомобили, но нема извештаи за повредени.

Двете страни негираат дека целеле цивили во војната, која во понеделник ќе ја одбележи својата трета годишнина и која Русија ја започна со целосна инвазија во февруари 2022 година на својот помал сосед. Илјадници цивили загинаа во конфликтот, огромното мнозинство од нив се Украинци.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Киев, централните и источните делови на земјата биле во состојба на готовност за воздушен напад околу шест часа во текот на ноќта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ