петок, 18 октомври 2024

Русија му се закани на Израел да не помисли да ги нападне иранските нуклеарни објекти

Русија го предупреди Израел да не помислува да ги нападне иранските нуклеарни објекти, кажа денес заменик шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков, а пренесува државната новинска агенција ТАСС. По иранскиот ракетен напад на Израел на 1 октомври постојат стравувања дека Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарни објекти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во повеќе наврати предупредивме и продолжуваме да предупредуваме, да опоменуваме, дури и против хипотетично (израелско) размислување на можноста за напад на (иранските) нуклеарни објекти и нуклеарната инфраструктура“, го цитира ТАСС Рјабков.

„Тоа би бил катастрофален развој на настаните и целосна негација на сите постоечки принципи во областа на обезбедување нуклеарна безбедност“, додаде тој. Не е јасно дали Москва му ја пренела пораката на Тел Авив.

Израел и западните земји стравуваат од можноста Иран да развие нуклеарна бомба под маската на цивилната нуклеарна програма, што Техеран го негира.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави во соопштение во вторникот дека Израел ќе ги послуша Соединетите Американски Држави, кои исто така предупредија против напад на нуклеарните објекти во Иран, но и дека ќе дејствува согласно на сопствениот национален интерес.

Русија ги зајакна врските со Иран од почетокот на својата војна во Украина и подготвува потпишување на договор за партнерство со Техеран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ