САД и Русија се согласија да назначат „тимови на високо ниво“ за да почнат да работат на завршување на руската војна во Украина, соопшти американскиот Стејт департмент.
Делегатите од двете нации, исто така, се согласија да се осврнат на „иритантите“ во „билатералните односи“, се вели во соопштението на портпаролката Тами Брус. Не е јасно што се подразбира под „иританти“, вели Би-би-си.
„Еден телефонски повик проследен со една средба не е доволен за воспоставување траен мир. Мораме да преземеме акција и денес направивме важен чекор напред“, додаде таа.
„Никој не е занемарен“, рече Рубио за отсуството на Украина и ЕУ
Американскиот државен секретар Марко Рубио го коментираше отсуството на Украина и ЕУ од денешните разговори во Ријад.
За време на прес-конференцијата по разговорите, тој рече дека „тука никој не е занемарен“.
Тој додаде дека од овие разговори би можеле да произлезат „некои многу позитивни работи за Соединетите Држави, за Европа, за Украина, за светот“ – „но прво ќе се почне со окончување на овој конфликт“.
Москва: „Преговорите не беа лоши“
Москва вели дека преговорите „не биле лоши“ и дека двете страни се согласиле на контакти во скоро време.
Неодамнешниот украински напад со беспилотно летало врз голема пумпна станица за нафта во јужна Русија е уште една причина да се верува дека Владимир Зеленски и неговиот тим мора да се „вразумат“, тврди Лавров.
Според рускиот министер за надворешни работи, САД ја изнеле идејата за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. Сепак, Лавров истакна дека ѝ рекол на американската делегација дека Русија отсекогаш ја гаѓала само на енергетската инфраструктура поврзана со војската.
Москва им сигнализираше на САД дека проширувањето на НАТО и потенцијалното членство на Украина е „директна закана за интересите на Русија и нејзиниот суверенитет“, рече Лавров. Имајќи го ова на ум, распоредувањето трупи на НАТО во Украина, дури и под знамињата на ЕУ или под националните знамиња, би било „неприфатливо“, додаде тој.
Страните, исто така, се согласија да создадат услови за широка геополитичка и економска соработка, при што процесот ќе биде поврзан со решавањето на украинскиот конфликт, рече Лавров.