понеделник, 21 октомври 2024

Ројтерс: Сѐ поголем притисок врз Израел поради убивањата цивили

Откако ги одби повиците за примирје, Израел ќе биде под постојан притисок да избегне цивилни жртви за време на нападите врз Газа, додека американските дипломати го посетуваат регионот во обид да го намалат ризикот од ескалација на конфликтот.

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот државен секретар Антони Блинкен треба да се сретне со турскиот министер за надворешни работи в понеделник во Анкара, неколку часа откако стотици луѓе на пропалестински протест се обидоа да упаднат во воздухопловната база во која се сместени американски војници во јужна Турција. Блинкен во неделата ненајавено го посети Западниот Брег за да се сретне со претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас, кој се приклучи во меѓународните повици за итен прекин на огнот.

Здравствените власти во Газа, која е под контрола на Хамас, соопштија дека повеќе од 9.770 Палестинци се убиени во војната, која почна кога Хамас изврши ненадеен напад врз јужен Израел пред еден месец, при што беа убиени 1.400 луѓе и земени повеќе од 240 заложници.

Блинкен ја повтори загриженоста на САД дека прекинот на огнот може да му помогне на Хамас, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за тоа доколку заложниците што ги држи Хамас не бидат ослободени. „Нема да има прекин на огнот без враќање на заложниците“, рече Нетанјаху.

Израелската армија во неделата објави дека го опколила градот Газа, на северниот крај на енклавата. Палестинската новинска агенција ВАФА извести за „досега невидено гранатирање“ од Израел, додека телекомуникацискиот провајдер Палтел објави нов прекин на комуникациските и интернет-услугите.

Израел соопшти дека 31 негов војник се убиени

Израел соопшти дека 31 војник се убиени откако ги почнал проширените копнени операции во Газа на 27 октомври, борејќи се со илјадници борци на Хамас, кои веруваат дека можат да го спречат израелското напредување во серија тунели под енклавата.

Портпаролот на израелската војска доцна во неделата изјави за Си-ен-ен дека гранатирањето во северниот дел на Газа е запрено неколку часа два дена по ред за да се овозможи безбедно минување на цивилите јужно од тесниот крајбрежен појас. „Ние не само што им кажуваме каде да одат, туку помагаме и создаваме многу подобри хуманитарни услови на југот“, рече полковникот Џонатан Конрикус, без да прецизира дали таквите паузи ќе продолжат.

Конрикус рече дека има пристап до вода и хуманитарни резерви во јужниот дел на Газа, но Хамас ги попречува конвоите пукајќи во нив. Ројтерс не можел веднаш да го потврди ова.

Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, денеска исто така треба да го посети Израел за да разговара за војната и разузнавањето со високи претставници, објави Њујорк тајмс. Брнс ќе застане и во други земји од Блискиот Исток за да разговара за ситуацијата во Газа, цитира Тајмс неименуван американски функционер.

ЦИА не одговорила на барањето на Ројтерс за коментар.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во неделата разговараше со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и „ја повтори неговата цврста посветеност на правото на Израел да се брани, но исто така ја нагласи важноста од заштита на цивилите и доставување хуманитарна помош“, соопшти Пентагон.

Остин „ја потврди посветеноста на САД да го одвратат секој државен или недржавен актер што сака да го ескалира овој конфликт“.

Американската потпретседателка Камала Харис подоцна денеска ќе ги повика странските лидери за да разговараат за конфликтот и да ги унапредат напорите на администрацијата да го зголеми протекот на хуманитарна помош за цивилите во Газа, соопшти нејзиниот кабинет.

Јорданските воздухопловни сили со авион префрлиле итна медицинска помош во Јорданската теренска болница во Газа рано во понеделникот, според објавата на јорданскиот крал на Икс, поранешен Твитер, и извештаите во државните медиуми.

Централната команда на САД, која го покрива Блискиот Исток, на Икс соопшти дека во регионот пристигнала ракетна подморница од класата Охајо со нуклеарен погон – необична јавна објава за положба на нуклеарна подморница, за која некои аналитичари велат дека е порака до Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ