Комитетот со републиканско мнозинство гласаше со 14 наспроти 13 по партиска линија. За време на дводневните спорни сослушувања, демократите го обвинија Кенеди дека финансиски е поврзан со движење против вакцинација и дека ширел теории на заговор за да фрли сомнеж врз лековите кои спасуваат животи. Кенеди ги отфрли овие тврдења.
Доколку биде потврден од Сенатот, Кенеди ќе го предводи американското Министерство за здравство и социјални услуги, кое надгледува повеќе од 3 трилиони долари во трошоци за здравство, вклучувајќи ги агенциите како Управата за храна и лекови и агенциите одговорни за здравствените програми Медикер и Медикеид кои обезбедуваат здравствено осигурување на повеќе од 140 милиони Американци.
Кенеди се соочи со противење од здравствените групи, демократите, членови на семејството и редакцијата на Волстрит џурнал и Њујорк пост, кои тврдат дека тој не е вистински избор за позицијата поради неговата улога во движењето против вакцинација.
Кенеди долго време фрла сомнеж во безбедноста и ефикасноста на вакцините кои со децении помагаат да се контролираат болести и да се спречи смрт. Тој го негира ова и вели дека нема да ги спречува Американците да се вакцинираат.
Пред гласањето, членот на комисијата Бил Касиди, лекар кој исто така претседава со Комитетот за здравство, образование, труд и пензии, се сметаше за потенцијален одлучувачки глас против Кенеди, откако минатата недела рече дека му е тешко да донесе одлука.
Како што се одвиваше гласањето, Кесиди на платформата Икс објави дека имал „многу интензивни разговори“ со Кенеди и Белата куќа во текот на викендот и во вторникот наутро.
„Сакам особено да му се заблагодарам на потпретседателот Џеј Ди (Венс) за неговиот искрен совет“, додаде Кесиди „со оглед на тоа што добив сериозни ветувања од администрацијата и можноста да постигнам напредок за прашањата за кои се согласуваме, како што се здравата храна и проамериканската агенда, ќе гласам за“, додаде тој.
На Кенеди сега му е потребна поддршка од најмалку 50 сенатори, што ќе му овозможи на Венс да ја потврди неговата номинација со својот глас.
Сенатот под контрола на републиканците сè уште не отфрли ниту еден од кандидатите на Трамп. Неговиот контроверзен избор за министер за одбрана беше Пит Хегсет, кој освои 51 спрема 50 гласови откако гласањето на Венс пресуди во негова корист во јануари.
Комитетот за разузнавање треба да гласа зад затворени врати во вторник за номинацијата на поранешната американска претставничка Тулси Габард за директорка на националната разузнавачка служба, уште еден кандидат на Трамп која се соочува со неизвесен исход.