вторник, 22 октомври 2024

Рим поради ѓубрето и високите температури се соочува со наезда од стаорци, стршлени, змии

Римски зоолог вели дека италијанската престолнина станала „вистинска џунгла“ поради зголеменото присуство на змии, ориентални стршлени, галеби и стаорци, како и комбинацијата на високи температури и постојаниот проблем со ѓубрето во градот. Андреа Лунерти, кој е добро познат во Рим по фаќањето опасни животни, тврди дека летово бил преплавен со повици.

Илустрација: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Луѓето наидуваат на змии многу почесто отколку порано. Популацијата на змии експоненцијално растеше во текот на зимата, бидејќи температурите беа толку високи. Тие не би преживеале да беше студено. Сега доаѓаат во градот од нивната природна средина, бидејќи има многу отпад од храна, а каде што има отпад, има и стаорци – нивниот главен плен“, објасни тој.

Најчестиот вид на змија пронајден во Рим е зелениот смок, иако Лунерти уловил и четири поскоци. Вчера наутро му се јавила преплашена жена на чија тераса паднал зелен смок. Неодамна, бил повикан и од полицијата да извади змија од соблекувална на лекар во болница во областа Париоли.

„Ќе ги најдете на тераси, во градини, во училишни згради. Една змија дури висела од вратата на лифт во станбена зграда, што предизвикало голема паника. Змиите многу добро пронаоѓаат скривалишта во зградите, чекајќи го правиот момент да излезат и да го ловат својот плен“, нагласи тој, пренесува Гардијан.

Лунерти од луѓето бара да му испратат слики од змиите за да може да утврди дали се отровни или не. „Но, дури и оние змии кои не се отровни предизвикуваат паника кај луѓето. Луѓето прават опасни работи поради змиите, како претрчување преку улица без да гледаат“, рече тој.

Ориенталните стршлени, вид кој мигрирал од Северна Африка и Југоисточна Азија, исто така се присутни во голем број во Рим од 2021 година. Тие првпат биле видени во областа Монтеверде, но гнездата набрзо почнале да се појавуваат низ градот во аглите на прозорците, отворите за вентилација, клима уреди, па дури и во пукнатините на античките споменици во центарот на градот.

Нивното ширење се припишува и на повисоките температури и ѓубрето. „Рим навистина треба да се справи со управувањето со отпадот или ќе има повеќе змии и стршлени, а да не зборуваме за стаорци и галеби“, предупреди Лунерти.

Тој истакна дека барем галебите помагаат да се намали бројот на стаорци и змии. „Галеб фати змија и ја фрли на тераса. Градот стана вистинска џунгла“, рекол тој. Градскиот совет на Рим рече дека „нема џунгла“ и дека извештаите за змии и други животни „не упатуваат на тревога“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ