вторник, 4 февруари 2025

Резултати од бојкотот на супермаркетите во БиХ – прометот бил поголем од вообичаено

Бојкотот на маркетите организиран на последниот ден од јануари во Босна и Херцеговина во знак на протест поради големите цени според податоците на сојузната даночна управа не ги дал очекуваните резултати, додека организаторите на акцијата најавуваат нови подолготрајни мерки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Официјалните статистики покажуваат дека прометот во продавниците на 31 јануари бил ист или дури и поголем во однос на претходните денови. Според податоците на Даночната управа на ентитетот Федерација БиХ, продавниците оствариле промет од 52,1 милион евра, што е дури повеќе од ден претходно кога изнесувал 51,9 милиони, и значително повеќе во споредба со една недела претходно кога прометот бил 47,2 милиони.

Сличен извештај има и Даночната управа на ентитетот Република Српска, каде на 31 јануари е евидентиран промет од 20,3 милиони евра, што не е значителен пад во однос на претходната недела, кога прометот изнесувал 21,8 милиони евра.

Тие бројки предизвикаа сомнеж меѓу организаторите на бојкотот и дел од јавноста, бидејќи бројни граѓани и медиуми известуваа за значително испразнети продавници и трговски центри. Фејсбук групата Бојкот БиХ, која има над 50.000 члена, извести дека продавниците забележале значителен пад на прометот и најави продолжување на бојкотот.

Се поставува прашањето дали зголемено индивидуално трошење на купувачите на денот на бојкотот може да го надомести намалениот број трансакции или податоците се пак резултат на манипулација за да се намали ефектот на акцијата.

И покрај неочекуваните статистики, организаторите на бојкотот не се откажуваат и најавуваат нови, подолготрајни акции со цел притисок на трговските ланци да ги намалат цените и да обезбедат пофер услови за потрошувачите. Се планира повеќенеделен бојкот, како и промовирање алтернативни облици на набавка на производи директно од произведувачите и локалните трговци. Така за работните денови, од понеделник до петок 6 февруари организаторите ги повикаа граѓаните на редуцирано купување, додека во петок и сабота, 7 и 8 февруари, повикуваат на целосен бојкот на продавниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ