Целта на овој договор е да ја развие соработката меѓу двете држави на полето на воената соработка, воена обука и образование, заемното учество во вежби, мировните операции и операциите за хуманитарна помош, одбранбена индустрија, военото разузнавање, логистичката соработка, воената медицина и здравствените услуги, комуникациско информациски системи и сајбер одбрана и размена на персонал за професионален развој.
На средбата министерот Мисајловски упати голема благодарност за континуираната поддршка од страна на сојузничка Турција која е наш значаен партнер и пријател од нашето осамостојување и која е значаен чинител и придонесувач во модернизацијата на Армијата и нејзиното опремување со нови, најсовремени средства, компатибилни со стандардите на земјите членки на НАТО.
Во рамки на денешните активности, министерот Мисајловски оствари средба и со Халук Горгун, секретар за одбранбена индустрија на која се разговараше за интензивирање на соработката во делот на модернизација на македонската Армија и за можностите за понатамошно проширување на билатералната воена соработка помеѓу двете пријателски држави.
За време на дводневната посетата на Република Турција, министерот Мисајловски, генералот Лафчиски и останатите членови на македонската делегација го посетија 4. меѓународен саем за одбрана – SAHA EXPO 2024, каде присуствуваа на церемонијалното отворање на саемот, остварија повеќе средби со претставници на компаниите од турската наменска индустрија и со други компании од сите сегменти на копнените капацитети кои би можеле да бидат од аквизициски интерес за македонската одбрана.