недела, 20 октомври 2024

Рама бара преиспитување на процесот на пристапување во ЕУ

Премиерот на Албанија Еди Рама побара да се преиспита „принципот на пристапување во Европската Унија кој само поставува крајни рокови“.

Објавено на

часот

Сподели

Тој кажа и дека би било поефикасно на земјите од Западен Балкан, кои се во транзиција од „земја која отворила пристапни преговори“ до „земја членка на ЕУ“ да ѝ се додели статус „земја набљудувач“.

„Принципот на земја набљудувач, кој би донел одредени привилегии, нормално без право на глас, би донел значаен бенефит за сите вклучени страни и би го зајакнал политичкото единство во демократска Европа“, кажа Рама на отворањето на самитот на Берлинскиот процес во Тирана.

Тој истакна и дека земји од ЕУ и оние кои не се членки, веруваат во „потреба од ист покрив, иста маса, но и ист ров“. „Светот се менува побрзо и поинаку од што мислевме. Нападот на Хамас на Израел натера уште една демократија да се брани, и солидарни сме со нив“, кажа Рама.

Албанскиот премиер наведе дека е потребно да се размисли за тоа како да се реагира на внатрешните предизвици во Европа, кои, како што оцени, ги има многу. „Раздвојувањето на ЕУ од земјите кои не се членки е голем проблем“, кажа Рама.

Укажа дека процесот на пристапување во ЕУ е успорен, меѓу другото, и затоа што некои земји членки го отежнуваат.

„Постои класна поделба која ги продлабочува разликите во нашиот заеднички европски дом. Природата и длабочината на тие кризи, кои нè зближија на политичко и човечко ниво, ги зголемија разликите во економската состојба. 90 отсто од парите кои ги добиваат земјите од Западен Балкан се позајмици, а само 10 отсто грантови. Таквиот пристап е застарен и спор“, кажа Рама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ