Агенцијата, повикувајќи се на изјави на учесници на последниот коалициски совет, јавува дека од Владата информирале дека „француското претседателство ветило дека ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и нивното исполнување ќе биде гарантирано од самиот Макрон“. Сепак, еден од учесниците изјавил дека тоа значи дека целосно имаат доверба во Макрон, но и ризикуваат да влетаат во десетгодишен спор бидејќи секоја од земјите членки може да го блокира решението и тоа ќе се претвори во бескраен спор, а тие не сакаат „турска варијанта“.
За друг учесник на средбата, пак, предлозите на Макрон не се јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да гарантира нивно исполнување во иднина.
Во текстот уште се додава дека кревањето на ветото е неопходно и поради барањето на Украина да почне преговори за членство со ЕУ и многу лош сигнал ќе биде ако Украина добие покана, а Македонија и Албанија и натаму чекаат. Наводно поради тоа француското претседателство брза со предлогот, кој би требало да биде готов пред состанокот на Корепер, а претходно да биде одобрен од бугарското Министерство за надворешни работи.
Инаку на средбата не се разговарало многу за „проблемот со правата на Бугарите во Македонија“ ниту за основната точка од Договорот за пријателство од 2017 година за заедничката историја на двете држави.
Агенцијата уште пишува дека на крајот на средбата на коалицискиот совет била донесена одлука во следните две недели „никој да не коментира и да зазема став за прашањето за Македонија“, а тоа особено важи за претставници на МНР. Претставниците на политичките партии кои што учествуваат во владата, пак, ќе тврдат дека „нема никакви отстапувања во однос на прашањето за РСМ и националните интереси на Бугарија ќе бидат заштитени“. Исто така, наводно, била постигната согласност секое различно мислење и позиција за прашањето од политичари, научници, историчари и новинари „да биде максимално брзо нападнато и со тешки политички обвиненија“.