Тој позитивно го оцени исходот на преговорите на руската и американската делегација во Ријад, истакнувајќи дека средбата е првиот чекор во обновувањето на соработката во разни области, вклучувајќи го Блискиот Исток, енергетика и вселенските истражувања. Според него, целта на разговорите била враќање на довербата меѓу двете држави, без што, како што тврди, не е можно да се реши ниту едно клучно прашање, па ни конфликтот во Украина.
Путин истакна дека Русија никогаш не ја отфрлила можноста за преговори со Украина ниту пак ги прекинала контактите со Европејците и со Киев. Според него, токму европските и украинските власти се тие кои ги прекинале или забраниле контактите. Тој додаде и дека Москва не се меша во внатрешните прашања на Соединетите Држави и Европа, за разлика од европските лидери кои, според него, отворено влијаат врз американските избори и користат навредлив тон кон политичките актери во САД.
Путин истакна дека Украина нема да биде исклучена од преговорите за завршување на војната. Според него, во телефонскиот разговор, американскиот претседател Трамп му кажал дека преговорите ќе го вклучуваат и Киев. „Нормално, Соединетите Држави тргнуваат од тоа дека преговарачкиот процес ќе се одвива со учество на Русија и Украина“, кажа Путин, додавајќи: „Никој не ја исклучува Украина од тој процес“.
Коментирајќи ја можноста за средба со Трамп, рускиот претседател кажа дека волјата за одржување на средба е обострана, но дека поради состојбата во односите на двете земји таквата средба е покомплицирана од едноставен разговор „со шолја кафе“. Истакна и дека Трамп сега почнува да добива „објективни информации“ за ситуацијата.
Путин притоа призна дека „нема блиски односи“ со Трамп и дека долго време не се сретнале, но дека радо би се сретнал со него. Меѓутоа истакна дека таквата средба бара сериозни подготовки и дека постојат бројни прашања кои треба да се решат пред таа да се случи. „Тоа не е лесна задача“, оцени Путин.
Зборувајќи за целта на разговорите меѓу САД и Русија во Ријад, Путин кажа дека примарниот фокус бил на „обновувањето на билатералните односи“. Тој смета дека без зголемување на нивото на довербата меѓу Москва и Вашингтон „невозможно е да се решат многу проблеми, вклучувајќи ја украинската криза“.
За односите на Москва и Вашингтон, Путин кажа дека двете страни се сложиле околу потребата за враќање на дипломатските претставништва во нормален режим, што може да се смета за еден од првите конкретни чекори кон намалување на тензиите.