понеделник, 8 јули 2024

Путин им се обрати на медиумите: Со Орбан разговарав за ситуацијата во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан им се обратија на медиумите по нивната средба во Кремљ.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Разговорите беа многу суштински, важно е да го продолжиме дијалогот во сегашната ситуација, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва.

„Имавме отворен и корисен дијалог како за билатералната соработка, така и за регионалната ситуација, вклучително и за ситуацијата во Украина“, рече Путин.

Тој оцени дека со Орбан имал чесна и директна размена на мислења за актуелните глобални прашања и дека со премиерот разговарал за начините кои ќе доведат до мир и решавање на украинската криза.

„Неколку пати кажав дека сме отворени за политика на дипломатско решавање (на проблемот). Но, од друга страна, слушаме дека тие не сакаат да ги решаваат проблемите на тој начин, спонзорите на Украина продолжуваат да ја користат таа земја и народ против Русија“, рече Путин.

Гледаме дека во Киев сè уште не се подготвени да се откажат од воената политика, додаде рускиот лидер.

Мислам дека режимот во Киев се откажува од идејата за прекин на конфликтот, бидејќи тогаш би исчезнала и воената состојба во земјата, што значи дека тогаш треба да се одржат нови претседателски избори, објасни Путин.

Како што рече, шансата актуелниот киевски режим да победи на следните избори е блиску до нула.

„Русија е посветена на целосен и конечен крај на конфликтот. Условите се наведени во моето обраќање до Министерството за надворешни работи. Станува збор за целосно повлекување на украинската армија од регионите ДНР, ЛНР, Запорожје и Херсон. Има и други услови“, истакна претседателот на Руската Федерација.

Премиерот на Унгарија, од своја страна, истакна дека Европа го направила најголемиот развој во мирни времиња. Сега Европа живее во воена состојба речиси две и пол години, што доведува до одредени тешкотии.

„Гледаме слики на уништување, оваа војна веќе почна да влијае на нашиот економски раст и конкурентност. На Европа и треба мир. Во последните две и пол години сфативме дека без дипломатија нема да постигнеме мир. Мирот нема да дојде сам по себе, потребно е да се работи на тоа“, изјави Орбан.

„Сакав да го слушнам ставот на претседателот за три важни прашања: што мисли тој за мирните иницијативи кои во моментов постојат, што мисли тој за прекинот на огнот и мировните преговори и редоследот по кој треба да се случат, а третото нешто што ме интересираше е како тој гледа на Европа по војната. Благодарен сум на претседателот за отворениот разговор“, додаде Орбан.

Тој уште еднаш повтори дека Унгарија денес е една од ретките земји кои можат да разговараат и со Москва и со Киев, и тоа, како што објасни, е причината поради која тој денеска е во Москва.

Ставовите на Киев и Москва се многу оддалечени една од друга, заклучи тој. Сепак, како што рече, најважно е дека е воспоставен контакт со двете страни, а Будимпешта ќе продолжи да работи на постигнување мир.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ