Во нашата јавност е малку познато дека за Македонија пишувал и најпознатиот средновековен пророк и јасновидец Мишел де Нострадамус. Тој несомнено е една од најзагадочните личности што ги дало човештвото и неговиот опус до денес го привлекува вниманието на многу научници и истражувачи од разни профили ширум светот. Повеќе десетици книги се напишани за него и за неговите пророштва во разни земји, на разни јазици. Најглавна причина за ова секако дека се неверојатните и необјасниви поклопувања на некои од неговите пророштва со настани што подоцна и навистина се имаат случено. Понекогаш Нострадамус успевал да предвиди дури и најситни пикантерии, какви што се, на пример, точно погодени имиња на некои подоцнежни историски личности (иако некои од овие имиња воопшто ги немало во времето во кое тој живеел), описи на одредени места и настани и сл.
Нострадамус своите пророштва ги пишувал во форма на песни главно составени од по четири стихови (наречени квартијани). Добар дел од овие стихови, на прв поглед не изгледаат секогаш јасни, но поклопувањето на неколку термини од содржината на односната песна (или стих) со клучните термини на некој историски настан што и навистина подоцна се има случено, ја прават сосема видлива нивната порака (што во продолжение ќе го покажеме преку примери). Понекогаш сите четири стихови од песната се однесуваат на описот (претскажувањето) на само еден настан, но често пати секој стих се однесува на посебен настан, што директно не е поврзан со настаните опишани во останатите стихови на истата песна. Истражувачите ова го толкуваат со фактот што во ваквите песни, иако секој стих се однесува на посебен настан и навидум нема врска со настаните опишани во останатите три стиха, сепак врската можеби е во, барем и приближното, временско поклопување на тие настани што се однесуваат за разни делови на Европа.
На пример, во песната број 27 (од делото „Прв век”) во одделни стихови се претскажани студентските немири во Англија, студентските немири во Франција и убиството на Роберт Кенеди. Практично стиховите на оваа песна воопшто не се поврзани меѓу себе, т.е. тие не претставуваат целина која се однесува само на еден единствен настан (немирите во Франција, опишани во едниот стих немаат никаква врска со убиството на Кенеди, опишано во другиот стих на оваа песна), но во нив се опишани (претскажани) настани, кои отприлика се имаат случено во исто време (во случајов, тоа е втората половина на шеесеттите години на 20 век). Тоа е и причината што овие стихови се ставени заедно во една песна. Овие факти треба да се имаат предвид и кога ќе ги разгледуваме стиховите со пророштвата посветени на Македонија.
Секако дека има и такви стихови за кои тешко може да се каже дека се имаат остварено (барем не така како што се предадени), но не треба да го испуштиме од предвид фактот дека Нострадамус живеел во 16 век, т.е. во време кога многу од денешните термини едноставно не постоеле. Можеби затоа тој се служел со најблиски можни соодветни термини во замена за некои поими од настаните за кои добивал визии, а за кои во неговото време немало соодветни термини со кои можел адекватно да ги опише. На пример, сосема е можно млазниот авион (што евентуално му се појавил во некоја визија) тој да го опишал како „факел што гори на небото” и сл.
Овде ќе кажеме и дека во некои негови стихови се забележани сосема мали отстапувања во однос на настаните што се претскажани во нив. Така, на пример, Хитлер (кому му се посветени неколку пророштва) во песните на Нострадамус е спомнат како „Хистер”. Значи, направена е мала грешка во неговото име, иако сличноста е очигледна. Некаде ваквите отстапувања се однесуваат и на не сосема точното временско поклопување помеѓу пророштвата и настаните на кои се однесуваат. Но, сето ова го признава уште самиот Нострадамус, кој пишува дека воопшто не му било лесно ускладувањето на визиите што ги имал со астролошките пресметувања што ги правел. Поради тоа Нострадамус им се извинил на читателите со молба да му простат доколку направил некоја ненамерна грешка во некој податок (година, име и сл.).
Во врска со начинот на кој ги составувал и пренесувал во јавноста своите пророштва, самиот Нострадамус запишал:
„…Моите пророштва ги компонирав повеќе како резултат на природниот инстинкт, придружен со поетски возбудувања, отколку како резултат на стриктните правила на поезијата… Дури по мојата смрт моите пишувања ќе ја добијат својата вистинска вредност”.
Она што е посебно важно за нас е фактот дека термините Македонци и Македонија Нострадамус ги спомнува вкупно девет пати. Ова значи дека за Македонија и за Македонците тој оставил најмалку девет свои пророштва. Само за споредба, нашите соседни народи далеку помалку се спомнати од Македонија и Македонците, а ваков е случајот и со други поголеми народи, кои воопшто не се спомнати во неговите дела. Практично термините Македонија и Македонци тој ги спомнал поголем број пати отколку што се спомнати сите останати балкански народи заедно што секако дека претставува податок за почит. Освен спомнувањето на етнонимот Македонци, Нострадамус го спомнува и македонскиот град Амфипол.
Спомнувањето на Македонија и на Македонците од страна на овој голем светски пророк и јасновидец има и своја огромна историска вредност. Да не заборавиме дека Нострадамус живеел во 16 век, а тоа е времето кога Македонија веќе со векови се наоѓала под ропство. Таа не постои како држава, но постои како етно-географска целина. Посебно е важно тоа што Нострадамус ги спомнува Македонците како народ. Сето ова претставува уште еден голем удар против странските анти-македонски шовинисти, кои тврдат дека наводно термините Македонци и Македонија „исчезнале” од историјата. Цитатите што ќе следат во продолжение сигурно дека ќе претставуваат уште еден студен туш за сите вакви субјекти. Нострадамус не бил ниту политичар, ниту историчар, ниту пак кога и да е престојувал во Македонија, па сепак многу добро знаел за постоењето на Македонија и на Македонците.
Пред да почнеме со презентирањето на податоците во врска со спомнувањето на Македонија и на Македонците во делата на Нострадамус, редно е да кажеме неколку зборови и за неговата биографија.
Мишел де Нострадамус се родил на 14 декември 1503 година во Сен Реми, Франција. Потекнувал од семејство на Евреи христијани. Во Авињон изучувал филозофија, граматиката и реториката, а се стекнал со големи знаења и од областа на литературата, историјата, медицината (стручна и народна) и астрологијата. Нострадамус станал славен откако успеал да ја запре епидемијата на чума што тогаш зафатила делови од Франција. Тој измислил нов начин на лекување (заснован на висок степен на хигиена и употреба на витамин Ц). За жал, неговите жена и деца подлегнале на болеста во градот Аген, каде што живееле. Тогаш тој, скршен од болка, шест години патувал низ Европа. Во тоа време за прв пат ја открил својата моќ да предвидува настани. По десет години од смртта на неговото семејство, тој се преженил и се населил во Салон. Се смета дека во вториот брак му се родиле три сина и три ќерки. Тогаш целосно се посветил на пророштвата. Целиот горен кат од неговата куќа бил опремен со „помошни предмети” (разни огледала, садови, трипод, справи и сл.). На пророштвата работел главно ноќе кога се затворал на катот сам со своите справи. Тогаш вршел астролошки пресметувања, кои ги комбинирал со своите визии. Сето тоа го запишувал во стихови. Во 1550 година го објавил својот прв алманах со пророштва. Успехот на кој наишол овој алманах во јавноста го охрабрил и продолжил да објавува по еден алманах секоја година до крајот на својот живот. Неговото најпознато дело е „Векови”, кое почнал да го работи во 1554 година, а го објавил во делови во 1555 и во 1558 година. Станал толку славен што бил повикан лично од Катерина Медичи за да прави хороскопи за кралското семејство, а посебно за нејзиниот сопруг кралот Хенри Втори. Во 1560 година бил поставен за официјален кралски лекар на новиот француски крал Шарл Деветти. Нострадамус починал во 1566 година. Во својот последен алманах самиот си го предвидел времето на својата смрт. Неговите дела веќе над 400 години се преобјавуваат и преведуваат на разни јазици ширум светот.
Да кажеме неколку зборови и за неговите најзначајни пророштва за кои во добар дел од светската јавност се смета дека и навистина се остварија и по кои, тој всушност, станал познат како еден од најголемите пророци на сите времиња. Во интерес на просторот ќе се задржиме само на некои од нив.
Во песната 35 (од делото “Прв век”), Нострадамус напишал:
Помладиот лав ќе го победи постариот.
На бојното поле во двобој.
Тој ќе ги прободе неговите очи низ златниот кафез
Две рани ќе бидат како една, а потоа ќе умре од сурова смрт.
Во оваа песна јасно е опишана смртта на францускиот крал Хенри Втори, која се случила како резултат на несреќен случај за време на еден витешки турнир во јуни 1559 година. Иако Нострадамус го предупредил кралот Хенри Втори да не учествува на тој витешки турнир, кралот не го послушал и учествувал во овие импровизирани борби. Таму Хенри Втори имал двобој против грофот Монтгомери. Обајцата на штитовите имале лавови, а кралот Хенри Втори бил шест години постар од грофот Монтгомери. За време на последниот налет, случајно копјето на грофот Монтгомери се скршило и две парчиња од него влегле низ отворот на златниот шлем (златниот кафез) на кралот Хенри Втори. Притоа кралот добил две смртоносни рани. Едниот дел од копјето му го извадил едното око, а другиот се забодел непосредно до второто око. Обете парчиња влегле во неговиот мозок, така што по десетдневна ужасна агонија кралот умрел. Токму така како што му претскажал Нострадамус.
Нострадамус предвидел и голем број настани што се случиле многу подоцна од времето во кое живеел. Така, на пример, тој го предвидел доаѓањето на власт на диктаторот Франко во Шпанија, па дури го погодил и неговото име, како и името на неговиот претходник Ривера. Во песната 16 од делото „Деветти век”, Нострадамус пишува:
Од Кастиља Франко ќе објави Собрание
Амбасадорот нема да се согласи и ќе предизвика раскол
Луѓето на Ривера ќе се соберат во толпа
и ќе одбијат да влезат во амбисот.
Нострадамус точно го погодил и името на Луј Пастер, а го предвидел и доаѓањето на Хитлер на власт во Германија, како и Втората светска војна. Рековме дека името на Хитлер го запишал како Хистер.
Во врска со големиот терористички напад врз Њујорк и Вашингтон, што се случи на 11 септември 2001 година, мнозина сметаат дека Нострадамус го предвидел со следниве стихови:
Во Божјиот град силен гром ќе удри.
Двајца браќа ќе бидат разделени во хаос
И додека тврдината ќе претрпи болка
големиот водач ќе потклекне.
Толкувачите на Нострадамус сметаат дека симболиката овде е очигледна. „Двајцата браќа” (според нив) се двата идентични облакодера на Светскиот трговски центар, што беа срушени од ударот на авионите („силниот гром”), додека „тврдината” е зградата на Пентагон, која беше делумно оштетена, т.е. која „претрпе болка”. Овде е и „големиот водач” (САД), кој „потклекна”. Имено, поради овој напад САД изгубија илјадници свои граѓани, а претрпеа и десетици милијарди долари штета. Проучувачите на Нострадамус сметаат дека тој и во други стихови го опишал овој настан, во кои, покрај катастрофата, ја погодил и локацијата на Њујорк, како и годината 2001, во која се случи овој настан.
Нострадамус честопати пишувал пророштва и за Балканот. Во неговите дела се спомнати: Тесалија, Епир, Романија, Србија, Славонија, Далмација, Панонија, Троја, Евбеја, Крит, Грците и други балкански топоними и етноними. Сепак, од целиот Балкан рековме дека најмногу ги спомнувал Македонија и Македонците.
Од поновите настани што се случија на Балканот ќе кажеме дека можеби во една своја песна Нострадамус ја претскажал војната во Хрватска од 1991-1992 година. Имено во песната број 32 од делото „Втор век”, Нострадамус ги спомнува областите Далмација и Славонија. Во првиот стих на песната тој пишува дека ќе има крв во Далмација, а во третиот стих дословно пишува: „Силен плач ќе се шири низ цела Славонија”. Се знае дека војната во Хрватска се водеше токму во Далмација (Книнска краина и околината) и во Славонија, при што најмногу настрада градот Вуковар. Тој ја спомнува Славонија и во една друга песна, во која пишува дека во Славонија „Стариот уништувач ќе разруши еден град”, што исто така може да асоцира на уништувањето на Вуковар.
А, сега да почнеме со презентирањето на стиховите на Нострадамус во кои тој ги споменува Македонија и Македонците. Ќе се обидам врз основа на очигледните факти, да дадам сопствени размислувања без претензија да наметнувам некакви теории. Некои од овие песни навистина зачудуваат со сплетот на податоци опфатени во нив, кои нападно асоцираат на познати настани од македонската историја. Во други песни или стихови, пак, (барем јас) не можев да насетам некоја позначајна коинциденција помеѓу стиховите и веќе случените (или можеби идни?) собитија поврзани со Македонија и со Македонците. Но, да почнеме по ред.
Најнапред ќе ги посочиме песните и стиховите во кои може да се насети совпаѓање во врска со настани од нашата историја, кои и навистина се случиле. Според мое мислење ваквото совпаѓање дури е и фрапантно.
Така, на пример, во песната број 35 (од делото „Деветти век”) Нострадамус пишува:
Благородниот Фердинанд ќе биде срушен.
Ќе се откаже од цвеќето, да ги следи Македонците
Во критичниот момент неговиот план нема да успее,
А тој ќе настапи против Мирмидонците.
Дали овие стихови нападно не потсетуваат на опис на настаните околу Македонија за време на Првата светска војна? Дали овде споменатиот Фердинанд не е всушност бугарскиот цар Фердинанд, кој како цар, секако дека бил благородник? Се знае дека тој ја внел Бугарија во Првата светска војна токму поради силниот притисок од страна на ВМРО и токму поради тоа што сакал да заграби што поголем дел од Македонија. Оттаму, просто неверојатно звучат стиховите според кои „Ќе се откаже од цвеќето, да ги следи Македонците”, кои можат само да значат дека поради Македонците тој влегол во војна, т.е. се откажал од „цвеќето” како симбол на мирот. Во рамките на ова се и стиховите „Во критичниот момент неговиот план нема да успее”. Знаеме дека Фердинанд, откако ја загубил војната, притиснат од сите страни, абдицирал во полза на својот син Борис, непосредно по завршувањето на Првата светска војна во 1918 година. Потоа Фердинанд се вратил во Германија.
Потребно е мало познавање на постарата историја за да се сфати последниот стих, кој гласи: “А тој ќе настапи против Мирмидонците”. Кои биле Мирмидонците? Иако Мирмидонците ги споменува уште Хомер, во Средниот век терминот Мирмидонци, од страна на некои автори, се користел како етноним за некои од јужнословенските народи. Дали можеби овојпат овој термин се однесува на Србите, против кои главно Фердинанд војувал за време на Првата светска војна? Познато е дека не само во делата на Нострадамус, туку и во други постари ракописи и хроники, многу денешни народи, земји и градови се предадени под други имиња, кои им биле познати на тогашните автори. Во оваа појава нема ништо чудно и сигурно дека истата не го заобиколила ни Нострадамус. Поради тоа, а во склад со досега напишаното, може да се претпостави дека под терминот „Мирмидонци” Нострадамус можеби мислел токму на Србите против кои војувал „благородниот Фердинанд”.
Мнозина истражувачи сметаат дека Нострадамус го предвидел и атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј што се случил 1934 година. И во ова пророштво се спомнати Македонците. Овие стихови гласат:
Во времето на народната жалост невидливиот крал
ќе војува против еден млад Македонец.
Галија ќе се затресе, бродот ќе биде во опасност
За Марсеј ќе се зборува на запад.
Дали можеме овие стихови да ги вклопиме во историските собитија поврзани со атентатот во Марсеј? Уште на прв поглед се гледа дека неколку поими овде целосно се поистоветуваат кога е во прашање овој настан. Тоа се поимите: „Марсеј” (градот каде бил извршен атентатот), „кралот” (Александар Караѓорѓевиќ), „бродот” (се знае дека кралот Александар во Марсеј допатувал со брод), „Галија” (древно име за Франција за време на чија посета кралот бил убиен), а овде секако е и „младиот Македонец”, против кој кралот Александар “војувал”. Да се потсетиме дека тоа било време на терор против Македонците во вардарскиот дел на Македонија, при што многу македонски семејства биле во црно завиени. Дали можеби стиховите „Во времето на народната жалост” се однесуваат на овој период? За ваквиот терор најмногу бил одговорен лично кралот Александар Караѓорѓевиќ. Како најмоќна организирана сила што тогаш со оружје се спротивставувала на овој терор во вардарска Македонија била тогашната ВМРО предводена од Ванчо Михајлов (без разлика на тоа што во исто време истата оваа организација вршела сличен терор врз Македонците во пиринскиот дел на Македонија). За Михајлов, пак, се знае дека имал бугаромански заблуди, иако токму во периодот на атентатот (а тоа се годините 1932-1934) се забележани и чисти македонски национални пројави, посебно среде обичните членови и симпатизери на неговата ВМРО. Конечно, без разлика на своите бугаромански заблуди, Михајлов и самиот бил етнички Македонец (родум од Штип). Дали можеби за него се однесува терминот „младиот Македонец” против кого кралот војувал? Тогаш Михајлов имал само 38 години. Инаку, атентатот бил изведен од атентаторот на ВМРО Величко Георгиев (Владо Черноземски) чие семејно потекло не е целосно утврдено.
Ќе споменеме уште едно пророштво на Нострадамус, кое е посветено на Македонија и кое можеби веќе се остварило. Се работи за песната број 96 од делото „Втор век”. Стиховите на оваа песна гласат:
Огнен факел ќе се види ноќе на небото.
Близу крајот и почетокот на Рона
Глад и челик – олеснувањето ќе дојде подоцна.
Персија ќе упадне во Македонија.
Јасно е дека Персија како држава одамна не постои. На што мислел тогаш Нострадамус кога овде ја спомнал Персија? Дали можеби ги имал на ум стотиците илјади Албанци, кои за време на Косовската криза масовно упаднаа во Македонија? Да се потсетиме дека во Персија постоела област која се викала Албанија.
Прашање е дали сите овие стихови не претставуваат една целина, која можеби се однесува на Косовската криза од 1999 година? Дали можеби „факелот што ќе се види ноќе” не ги претставува бомбардирањата на Југославија, кои и навистина почнаа ноќе и кои беа резултат на неуспешните преговори токму во Франција (која можеби овде е симболизирана преку реката Рона)? Сигурно дека во ваквите претпоставки се вклопуваат и „гладот” (на кој беа изложени бегалците) и „челикот” (авионите), како и „олеснувањето” што „ќе дојде подоцна” (завршувањето на воздушната кампања и потпишувањето на мировниот договор, како и враќањето на албанските бегалци во своите домови). Сите овие претпоставки остануваат во доменот на шпекулациите.
Асоцијација дека пророштво поврзано со Македонија можеби се остварило имаме и во стиховите на песната под број 91 од делото „Деветти век”, кои гласат:
Страшната чума (од) Перинт и Никополе,
Дали ќе ги потисне Полуостровот и Македонија?
Таа ќе ја уништи Тесалија и Амфиполис,
Незнајно зло, и одбивање од Антони.
На што би можел да се однесува стихот од ова пророштво во кој е спомната Македонија? Очигледно дека овој стих е поврзан барем со два од трите останати стиха (со првиот и со третиот). Каква е таа „чума” што (гледано од времето на Нострадамус) ќе ги нападне Тракија (Никополе), Македонија и Тесалија, а можеби и целиот Балкански Полуостров? Дали можеби ова се однесува на некоја епидемија од болест што ги има погодено овие краеви? Во 1915 година, за време на Првата светска војна и навистина, повеќе или помалку, овие региони биле зафатени до тифусна треска, при што илјадници луѓе починале. Дали можеби токму тоа го прорекол Нострадамус? Кое е значењето на последниот стих и дали и тој е поврзан со претходните три или, пак, овој стих се однесува на нешто сосема друго што можеби се случило во друг крај на Европа, но во исто време со настаните опишани во првите три стиха? Сето ова останува за натамошна анализа.
И додека во претходните четири песни повеќе или помалку можеби можат да се насетат совпаѓањата со настани кои и навистина се имаат случено во нашата историја, во следните пет песни (пророштва), т.е. во нивните стихови во кои се спомнати Македонија и Македонците (барем јас) такво нешто не можев да насетам. Можеби овие стихови се однесуваат на некоја подалечна иднина? Но, да ги погледнеме и овие песни, така како што ми ги преведоа од англиски на македонски моите пријатели Драги Стојковски (претседател на Организацијата Обединети Македонци од Канада), д-р Мајкл Серафинов од САД и Елизабет Стујарт од Сиднеј, на кои им упатувам голема благодарност. Тие потенцираа дека преводот на стиховите на Нострадамус од англиски на македонски е исклучително тежок, најмногу поради тоа што стиховите изгледаат нелогични, а освен тоа, некои од нив, можат да се преведат на повеќе начини. Дури во некои од овие стихови Нострадамус употребил и непознати зборови, што ги нема во ниту еден јазик.
Сепак, ова воопшто не значи дека во овие стихови нема никаква порака, т.е. пророштво. Дали и кога ќе се открие тоа – останува да покаже иднината.
Најнапред ќе ја приложиме содржината на песната под број 64 од делото „Деветти век”, која гласи:
Македонецот ќе ги помине планините Пиринеи,
Во март Нарбон нема да се спротивстави:
На земјата и на морето тој ќе направи многу сплетки,
Бидејќи Капетијан нема земја за живеење каде ќе биде заштитен.
Дали овие стихови се поврзани меѓу себе или пак се работи за опис на настани од разни делови на Европа што можеби веќе се случиле (или допрва ќе се случат) приближно во исто време, та поради тоа се ставени во една песна? Тоа засега не може да се утврди. Но, едно е сигурно. Барем гледано од аспект на нашево време, тешко може да се воспостави логика помеѓу минувањето на некој значаен Македонец (или Македонци) на планините Пиринеи (планински масив меѓу Франција и Шпанија), па можеби ова пророштво се однесува на некое исклучително далечно идно време, кое ние засега не можеме ни да го замислиме?
Интересно е дека во пророштвата на Нострадамус Македонците се спомнати во контекст на значајни случувања во Франција уште најмалку во три песни. Едната е песната под број 93 од делото „Деветти век” и нејзините стихови (пророштва) гласат:
Непријателите се далеку од тврдината,
Крепоста донесена со коли:
Ѕидините над Бургес се рушат,
Кога Херкул Македонецот ќе нападне.
И овде повторно имаме таинствено поврзаување на Македонците со настани во Франција.
Мистериозното поврзување на Македонците со некои далечни идни настани во Франција продолжува и во песната под број 7 од делото „Десетти век”. Овде читаме:
Голема битка тие ја подготвуваат за Ненси,
Македонецот ќе рече: Јас ги покорувам сите.
Британските острови се вознемирени за вино и сол,
„Хем. ми.” Филип „две Мец” нема да издржи долго.
Дали некоја далечна иднина во практика ќе покаже и докаже логика во привидната конфузија на овие стихови? Што значат таинствените зборови “Хем. ми” и “два Мец”? Дали стиховите во ова пророштво се поврзани помеѓу себе, или, можеби се самостојни? Или, пак, можеби поединечно се поврзани како целини? Што се крие во стихот со Македонецот? Дали е поврзан со последните два стиха? Кога Македонците и Британците имале некаква позначајна врска во историјата од 16 век, т.е. од времето на Нострадамус, па наваму? Дали се работи за претскажување на некој далечен иден настан, што ние, денешните генерации, засега не можеме ни да го насетиме? Не ни останува ништо друго, освен толкувањето и на овие стихови, да го оставиме на иднината, која дефинитивно ќе го оспори или потврди пророштвото што тие (евентуално) го содржат.
Третата песна во која Македонците се поврзани во контекст на некои идни случувања во (или околу) Франција е песната под број 38 од делото „Деветти век”. Оваа песна (пророштво) гласи:
Влезот во Блеј за Ла Рошел и за АнгличанецотВеликиот Македонец ќе го помине.Недалеку од Аген ќе го чека Галиецот (Французинот, з.м.)Преку разговори Нарбон ќе ја избегне заверата И во оваа песна тешко може да се насети далечното идно време во кое некој познат Македонец ќе игра значајна улога во збиднувањата во Франција.
Нострадамус напишал пророштво за Македонија и во својот „Алманах”, што го објавил во 1559 година. Стиховите на оваа песна гласат:
Кралот прогласуван за победник, и цар,
Верата скршена, кралскиот чин знаен:
Македонска крв, кралот стана освојувач,
Надуенот народ стана скромен низ солзи.
Барем кога е во прашање спомнувањето на “македонската крв” низ историјата Нострадамус никако не можел да погреши. Колку ли само македонска крв е пролеана низ вековите поради туѓинските поробители на нашата татковина? Во историските собитија од 16 век па наваму, Македонија и навистина, делумно или целосно, пократко или подолго, била окупирана од неколку кралства и царства (Отоманската империја, Австрија, Србија, Југославија, Бугарија, Албанија и Грција). На која од овие држави можеби се однесуваат горниве стихови? Во времето на сите овие ропства и навистина се леело македонска крв и сите кралеви и цареви што владееле со Македонија овде настапувале освојувачки. Така, на пример, во времето на Балканските војни грчкиот и српскиот крал и навистина излегле како “победници”, кои настапувале како “освојувачи”. Слично било и со бугарскиот цар за време на Првата балканска војна, кој подоцна ја загубил Втората балканска војна. Во времето на Првата светска војна состојбата се променила, но за Македонците пак останала иста. Сега бугарскиот цар бил „победник” и „освојувач”, за сметка на грчкиот и на српскиот заграбан дел од Македонија. По Првата светска војна, повторно се случила промена на улогите, која состојба (освен за вардарскиот дел) трае до денес. Дали стихот Надуенот народ стана скромен низ солзи се однесува токму на Македонците кои од еден од најмоќните народи во античко време, денес е таму каде што е?
На крајот да заклучиме дека барем според Нострадамус можеме да бидеме сигурни дека Македонија и Македонците ќе опстојуваат уште со векови, штом постојат пророштва посветени на нашиот народ и земја, кои чекаат на своето исполнување (Повеќе детали за оваа тема во книгата: „Уделот на Македонците во светската цивилизација“ од авторот на овој текст).
Александар Донски