Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.
„Сите ‘славејчиња’, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна ‘Златно славејче’ и хористите на детскиот хор ‘Развигорче’, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, чичко маестро Џамбаз. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше златни гавранчиња. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата“, соопштија од Арс Ламина.
Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.
На улицата Орце Николов во Дебар Маало денеска ќе биде промовиран мурал посветен токму на Џамбазов.
Промоцијата на муралот, кој е дело на уметниците Драган Китановски-Даш и Марјан Димиќ-Мачка, е по повод роденденот на маестро Џамбазов.