среда, 26 февруари 2025
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Пројде времето на дилетанти во политиката

Шокантно ми прозвуче самоуверената изјава на потпретседателката на СДС, г-ѓа Фани Каранфилова Пановска, дека Договорот за стратешка соработка помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави го потпишала Владата на СДСМ!

Човек и да разбере за различните толкувања на настани низ историјата, имајќи предвид дека многу често зад нив не останало некакво поцврсто сведоштво. Но денес, во времето на експанзија на медиумите, кога светот одамна станал глобално село, некој да манипулира со настан од пред само 17 години, од кој сите учесници се сѐ уште живи, е навистина неверојатно и прилично потценувачки кон општата публика.

Јас во таа 2008 година бев директор за соработка со колективните безбедносни системи во Министерството за надворешни работи. Се разбира, најголемиот фокус на директоратот беше врз соработката со НАТО и што поскорото зачленување во Алијансата. И да, токму таа 2008 година е годината кога како нација доживеавме голем удар на Самитот на НАТО во Букурешт што се одржа  од 2 до 4 април со блокадата за нашето членство во Алијансата од страна на Грција.

Ќе се сетите дека ден пред Самитот, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека, парафразирам, „утре три земји кандидатки ќе станат нови членки на НАТО“. Тоа се однесуваше на Македонија, Хрватска и Албанија. Но, нашиот јужен сосед, потпомогнат од неколку други земји членки на НАТО, го смени текот на историјата и НАТО наместо со три, се поднови само со две нови членки.

Како тогашен директор за соработка со НАТО можам да посведочам дека Македонија тогаш „експлодираше“ со својата подготвеност да стане рамноправна членка на Алијансата, а би рекол веројатно беше и многу поподготвена одошто на 27 март 2020 година, кога на крајот и стана членка.

Свесен за неуспехот на НАТО да истрае принципиелно во процесот на своето проширување, претседателот Буш по Самитот, заедно со државната секретарка на САД Кондолиза Рајс, одржа затворен состанок со врвот на македонската делегација, каде што даде ветување дека Соединетите Американски Држави нема да ја заборават Македонија и дека и натаму ќе останат нејзин силен подржувач.

Како исход од тој разговор, веднаш по враќањето од Букурешт, како директор за колективна безбедносна соработка во нашето Министерство за надворешни работи започнав преговори со колегите од Стејт Департмент за изготвување текст на договор за стратешко партнерство, со кој според зборовите на претседателот Џорџ Буш „двете земји сакаат да ги зацврснат своите стратешки односи преку интензивирање консултации и соработка во областа на безбедноста, јакнење на трговијата и врските помеѓу нивните граѓани“.

Документот кој што произлезе од овие преговори и доби официјално име „Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија“, беше потпишан на 7 мај 2008 година во Вашингтон од страна на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс. Што е особено важно, американскиот претседател изречно нагласил дека потпишувањето на Декларацијата не е замена за полноправното членство на Македонија во НАТО.

Ова е дел од македонската историја, која некој, до вчера политички анонимус, а денес високо позициониран функционер во втората по големина опозициона партија, како да сака да ја измени. Брутално, со лажење.

Оставам можност и дека г-ѓа Каранфилова Пановска не знаела многу за воспоставувањето на македонско-американското стратешко партнерство или дури можеби била и злоупотребена од „мангупите во сопствените редови“. Што и да е од двете, зборува лошо за нивото на едуцираност и информираност на висок политичар во партија која барем вербално, се уште претендира во догледно време да се врати на кормилото на државата.

Премрежјата во глобалната политика стануваат сѐ покомплицирани, додека кормиларењето со бродот Македонија е се уште во непредвидливи води. Предизвиците налагаат дека е поминато времето на дилетанти кои залутале во политиката. Дојде времето на образовани и способни политичари, што некои веќе го нарекле „новото нормално“, а јас би додал, отсекогаш требало да биде нормално.

Амбасадор Зоран Дабиќ

КОЛУМНИ

Александар Донски

Александар Велики Македонски во исламската света книга Куран

Бранко Прља

Машините мислат, но луѓето чувствуваат

Ристо Цицонков

Tоплификација (парно) на градовите – решение за аерозагадувањето  

Рајко Пеколски

Вoнредни вести од глобалната лудница

Александар Стојановски

EУ ја губи битката со Трамп

Ричард К. Шервин

Доналд Трамп и неговото невладеење на правото

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ