На изминатото рочиште, со изведување материјални докази – шест диска со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, Обвинителството го заврши изведувањето докази. Во судницата беа прикажани видеа на кои Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати… Првообвинетиот Палевски рече дека тие се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.
Дел од доказите што во текот на процесот ги изведе Обвинителството беа сведочења на семејствата на Вања и Панче. Сослушани беа и службени лица, инспектори, познаници и соработници на обвинетиот Љупчо Палевски. Потоа Обвинителството изведе повеќе материјални докази што содржеа видеоснимки од „безбеден град“, електронска комуникација на обвинетиот Палевски, предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничката обработка на возилото „рено кангу“.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.