Главните проекти вклучуваат – реконструкција на улицата „Парашкеви Кирјази“ во должина од 354,26 метри, реконструкција на улицата „Дервиш Хима“ и сите споредни улици во должина од 687,77 метри, реконструкција на улицата „Емин Дураку“ и паркингот во должина од 383,12 метри, како и реконструкција на улицата „Струмичка“ и двете споредни улици во должина од 523,51 метри.
„Вкупната вредност на овие проекти изнесува 28.6 милиони денари (465.240 евра) и ќе биде финансирана од Владата на Република Македонија во рамките на проектот ‘250 милиони евра за општините’, додаваат од Општина Чаир.
Исто така, во завршна фаза е подготовката на техничката документација за целосна реконструкција на паркот во Чаир, додека општината од својот буџет ќе реализира реконструкција на пешачките патеки и поставување на детски игралишта.
Реконструкцијата на салата „Партизан“, нагласуваат од Општината, веќе започна, а дополнително ќе продолжи и проектот за реконструкција на фудбалското игралиште на стадионот во Чаир, со цел да се создадат подобри услови за развој на спортските активности во оваа зона.