Во пораката објавена со фотографија од железничката станица во Киев, таа истакна дека ЕУ „повеќе од кога било цврсто ја поддржува Украина, финансиски, економски, воено и морално“, како што наведе, „додека земјата конечно не се ослободи“.
Во заедничката изјава на лидерите на ЕУ по повод втората годишнина од војната во Украина објавена вчера, беше оценето дека Унијата е пообединета „од кога било“ во поддршката за Украина.
„Повеќе од кога било, остануваме обединети и верни на нашето ветување дека ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно“, напишаа тие во соопштението.
Покрај Урсула фон дер Лаен, во Украина пристигнале и италијанската премиерка Џорџа Мелони, белгискиот премиер Александар де Кро и канадскиот премиер Џастин Трудо.
Денеска се навршуваат две години од почетокот на руската инвазија на Украина.