За тоа Туск да стане премиер гласаа 248 пратеници, додека 201 беа против.
„Се откажа од удобниот живот кој можеше да го има откако беше претседател на Европскиот совет и се врати тука за да се бори за победа на демократијата, пристојноста и правдата“, кажа Владислав Косињак-Камиш, лидерот на Полската селанска партија, која е дел од коалицијата која ја предводи Туск.
Туск речиси два месеци по парламентарните избори е избран за премиер со помош на коалициските партнери, меѓу кои се левичарите и умерените конзервативци, пренесува Асошиејтед прес.
Партиите излегоа на изборите одвоено, но ветија дека ќе работат заедно под лидерството на Туск, за да се обноват демократските стандарди и односите со сојузниците.
Претходно вчера поранешниот премиер Матеуш Моравјецки од партијата Право и правда (ПиС) ја изгуби довербата и остана без премиерскиот мандат.
Туск беше шеф на полската влада од 2007 до 2014 година, а беше претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година.
Изборите во Полска беа одржани на 15 октомври. Партијата на Моравјецки доби 194 пратенички мандати, а на Туск 157.
Се очекува владата на Туск да положи заклетва на 13 декември, а претседателот Анджеј Дуда според уставот нема овластување да го спречи тоа.