„Добрата претстава, верувам, е претставата по која имате потреба да разговарате, да поставувате прашања, да анализирате и да дискутирате. По оние претстави што се извонредни може и долго да се молчи, да се седи во тишина, исто како по молитва, медитација или голема загуба. „Син“ е токму такво парче уметност, кое нѐ повикува на долга тишина и молк, но и на простување, смеа и плач. Дино Мустафиќ е режисер кој знае дека театарот е простор (и време) во кое имате можност, и привилегија, да се ставите во туѓата кожа, да прифатите туѓите искуства да станат ваши. Простор за емпатија. Простор во кој човечките емоции се секогаш поважни од фабулата или самиот след на дејства и изговарање на репликите. Раскажувањето на приказната, и покрај оган, како и она покрај поспаното дете, се чини магично, а токму таква магија создава актерскиот ансамбл на Камерниот театар 55, во претставата „Син“.
Гледањето на претставата, исто како и кога се чита книга, ни овозможува да бидеме јунаци, во туѓите чевли да осетиме радост, болка, љубов, страдање, страв, тага, осаменост… А оваа претстава ни дава прилика да бидеме, по сопствена желба и одлука, синови, татковци и(ли) мајки, вели за претставата Алмир Имширевиќ.
Претставата е во режија на Дино Мустафиќ, автор е Флоријан Зелер, драматург е Ведран Фајковиќ, сценограф и костимограф Адиса Ватреш Селимовиќ, композитор Ирена Поповиќ, асистент композитор Никола Драговиќ, продуцент Сенан Алихоџиќ и асистент на продукција Скендер Башиќ
Улогите во претставата ги толкуваат: Адмир Гламочак, Давор Голубовиќ, Сабина Бамбур, Џана Пињо и Амар Селимовиќ.
Претставата ќе се изведува со титл со превод на македонски јазик.