понеделник, 21 октомври 2024

Предлогот на премиерот за враќање на смртната казна ја подели јавноста во Полска

Објавено на

часот

Сподели

Барањата за враќање на смртната казна, иако неприменливи, бидејќи тоа би значело излегување од Европската унија и Советот на Европа и промена на Уставот, беа слушнати и на протестниот марш низ улиците на Честохова во југозападна Полска по погребот на Камил во средината на мај, на кој присуствуваа маси луѓе од цела Полска, но враќањето на најтешката казна за злосторство нема мнозинска поддршка од Полјаците.

„Луѓе, па каков свет е ова? Казните за таквите монструми мора да бидат многу построги. Кога станува збор за вакви изроди, јас сум за смртна казна“, реагираше премиерот Моравјецки на веста дека Камил починал во болница по 35 дена, колку лекарите се бореа за животот на детето со тешки изгореници на телото и скршеници на рацете и ногата.

Враќањето на смртната казна како рецепт на премиерот да се спречи неколку илјади деца секоја година да завршат во болница во Полска поради повреди нанесени од нивните родители или старатели, а околу 30 деца годишно не го преживуваат семејното насилство и злоупотреба, во анкета за порталот Виртуална Полска го поддржаа 48,3 отсто од Полјаците, додека 46,3 отсто беа против, а 5,4 отсто од испитаниците не знаеле како да се изјаснат.

Во семејството, каде четири возрасни лица живееле во еден од социјалните станови во Честохова со осум деца на возраст од шест месеци до 21 година, не помогнало ни тоа што семејството било под надзор на системот, а социјалните работници, училиштето, лекарите, полицијата, судовите уредно евидентирале незгоди и си предавале хартии едни на други, а малиот Камил неколку пати бегал од дома, а сето тоа не го спречило очувот систематски да го злоставува Камил, а мајката, тетката и тетинот молчеле.

Последниот пат очувот го претепал Камил бидејќи му паднал мобилниот телефон од масата, го одвлекол во туш и го полил со врела вода, го фрлил на шпоретот, а потоа го оставиле без лекарска помош, што според проценка на лекарот би му го спасило животот, цели пет дена, додека неговиот биолошки татко не дошол да го посети и повикал брза помош и полиција.

Камил бил примен во болница во Катовице на 3 април со изгореници на 25 отсто од телото, скршеници на двете раце и ногата, а бил во вештачка кома практично сите 35 дена додека лекарите се обидувале да го спасат.

Очувот и мајката биле веднаш уапсени, а кога Камил починал, делото особено брутално злоставување било преквалификувано во убиство, додека тетката и тетинот биле обвинети дека не повикале помош, туку го оставиле детето да се мачи цели пет дена.

Министерот за правда и јавен обвинител Збигњев Жобро, исто така, нареди истрага на социјалните институции, училиштата и судовите, за да се најдат конкретните виновници за тоа што насилството не било спречено.

Експертите и полската опозиција сепак предупредија дека заострувањето на казните за насилство врз децата, а особено предлогот за враќање на смртната казна, за која дури и премиерот знае дека не може да се спроведе, е само популистички обид да се прикрие фактот дека системот за заштита на децата, во кој сегашните полски власти се концентрираат повеќе на борбата против родово чувствителните содржини и наводната ЛГБТ сексуализација на децата во училиштата, едноставно не функционира.

„Смртта на Камил е пораз за целиот систем на згрижување деца и сузбивање на семејното насилство“, предупредуваат од Здружението на судии од семејните судови и набројуваат цела листа на проблеми, почнувајќи од недоволната поврзаност меѓу судовите, социјалните работници и полицијата, особено во ситуации кога семејството го менува местото на живеење, до тоа што уште во 2021 година, неуспешно апелирале случаите на насилство врз деца да се третираат по итна постапка.

Се почесто се случува само смртта на едно дете да ја покаже вистинската големина на проблемот во одредено семејство, предупредија полските судии и повикаа на воведување задолжителни анализи за секој случај на смрт на дете по злоупотреба, како што своевремено направи Велика Британија.

„Немаме ниту еден правен акт кој би бил посветен на заштитата на децата, не за родителите, социјалните служби, туку за децата“, предупреди во весникот Газета виборча Ана Кравчак од фондацијата „Да им дадеме сила на децата“, чија петиција и предлог-закон за воведување таква анализа во Полска ја потпишаа 22.000 луѓе.

Социолозите предупредуваат дека во Полска, каде физичкото казнување на децата е забрането со закон од времето на претходната влада, во општеството постои верување дека шамарите и тепањето се неопходен елемент за воспитување на децата, за што веруваат 40 отсто од Полјаците, според претходните анкети.

Полскиот заштитник на децата Миколај Павлак вели дека треба да се разликува шамар од тепање, а министерот за образование и наука Пшемислав Чарнек еднаш во напис тврдеше дека физичкото казнување е неопходно за воспитување на детето.

Кој навистина го сака (детето), жестоко го казнува, напиша актуелниот министер Чарнек.

„Социјалната дозвола за насилство врз деца создава услови за преминување на границите. Секој од насилниците подоцна пред судот се правда дека удрил само неколку шамари и дека не разбира како му пукнал црниот дроб на детето“, предупреди за проблемот уште во 2014 година претходниот детски правобранител Кшиштоф Михалак.

Наместо омраза на социјалните мрежи, која се излеа врз социјалните работници, полицијата и судиите од случајот на Камил или популистичките барања да се врати смртната казна, која политичарите не ги чини ништо, сега за прв пат промени во системот се побарани едногласно во надлежните групи во полскиот парламент, од претставници на власта и опозицијата.

„Системот не може како приоритет да ја штити родителската власт врз детето. Должен е да го штити детето“, рече пратеничката од опозициската левица Анита Кухарска Дједиќ, додавајќи дека пратениците од групата за позицијата на детето во полското право и групата за правата на децата се согласиле дека системот мора да се промени за да го штити детето пред сѐ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ