среда, 16 октомври 2024

Предизборен митинг на Трамп се претвори во концерт, Камала Харис го доведе во прашање неговото ментално здравје (ВИДЕО)

Предизборниот митинг на Доналд Трамп во предградието на Филаделфија се претвори во спонтан концерт кога поранешниот американски претседател престана да одговара на прашања откако две лица од публиката побараа лекарска помош.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Републиканскиот претседателски кандидат направи пауза во одговарањето на прашања од публиката, откако лекар во салата му пружи помош на првото лице на кое му се слоши. Кога дискусијата, на која модератор беше гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, повторно беше прекината бидејќи на друго лице му беше потребна медицинска помош, Трамп престана да одговара на прашања. Тој и Ноем спомнаа дека е жешко во салата, а Трамп праша за климатизација.

„Веројатно не можат да си ја дозволат кога економијата е ваква“, се пошегува гувернерката Ноем.

Кога првпат беше прекинат, Трамп побара да се пушти „Аве Марија“, по што беше пуштена инструментална верзија на аријата. За време на вториот инцидент, тој рече дека мислел на верзијата изведена од италијанскиот оперски пејач Лучијано Павароти. Организаторите брзо ја пронајдоа и ја пуштија таа верзија.

Кога Ноем објави дека на другата личност на која ѝ се слошило сега ѝ е подобро, Трамп зборуваше уште неколку минути пред да повика да се пушти музика, а многумина од толпата не беа сигурни дали тој завршил со говорот.

„Тие двајца се патриоти“, рече Трамп по музиката „Ги сакаме. И поради нив вечерта ја завршивме со добра музика“.

Трамп предложи вечерта да заврши со тоа што публиката ќе остане на своите места и да ужива во изборот на песни наместо да го слуша како одговора на нови прашања.

Тој ја побара песната „Уај-ем-си-еј“ од Вилиџ пипл, што обично е знак дека завршил со говорот и дека е подготвен да се симне од сцената. Сепак, овој пат тој остана. Следуваше уште музика и уште танцување.

„Никој не си оди“, рече Трамп. „Што се случува?

Беа пуштени уште неколку песни – и речиси 40 минути музиката не престана.

Трамп танцуваше на сцената на разновидна плејлиста која вклучуваше песни од Шинејд О’Конор, Руфус Вејнрајт и Ганс енд Роузс.

Многу негови поддржувачи се упатија кон излезите, но некои останаа до крајот. Сцената потсетуваше на зимите на Трамп во Мар-а-Лаго, имотот на Флорида каде што сакаше да ја преземе улогата на диџеј на состаноците со богатите членови на својот приватен клуб.

Трамп ја напушти сцената со песната „Мемори“ од мјузиклот „Кетс“.

Керолин Левит, националниот секретар за печат на Трамп, објави слика од Трамп на сцената на социјалната мрежа Икс. „Диџеј Трамп!“ напиша таа.

Портпаролот на Трамп Стивен Ченг напиша на Икс дека „нешто многу посебно се случува во Пенсилванија“, додавајќи дека Трамп е „различен од кој било друг политичар во историјата“ и дека е „одлично“.

Демократската претседателска кандидатка Камала Харис, сепак, ја доведе во прашање менталната состојба на Трамп по митингот во Пенсилванија. „Се надевам дека е во ред“, напиша таа на Икс.

Кампањата на Харис, која почна агресивно да го преиспитува здравјето и менталната состојба на Трамп, рече дека тој изгледал „изгубен, збунет и замрзнат на сцената“ на митингот во понеделникот вечерта.

Поранешниот претседател, сепак, рече дека настанот во клучната држава Пенсилванија која допрва треба да се определи бил „толку поинаков“.

„Беше неверојатно! Делот со прашања и одговори беше речиси завршен кога луѓето почнаа да се онесвестуваат од возбудата и жештината“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут“.

„Почнавме да пуштаме музика додека чекавме и само продолживме. Толку поинаку, но на крајот беше ОДЛИЧНА НОЌ!“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ