Ваквото барање, деветмината пратенции го темелат врз основа на Уставот, според кој, Собранието врши контрола врз Владата, како и врз основа на Деловникот за работа на Собранието според кој работните тела на Собранието можат да бараат податоци и информации од владините институции и сите други органи на државната управа.
„За да можат одговорно да ја извршуваат функцијата и совесно да гласаат ЗА или ПРОТИВ осумте предлог-закони пратениците треба да го имаат на увид Договорот бидејќи сите предложени законски измени се поврзани со извршувањето на Договорот за коридорите. Дополнителен аргумент е принципот на транспарентност на Владата пред Собранието особено за трошењето на буџетот бидејќи во јавноста протекоа информации кои оставаат сомнеж дека со овој Договор, Владата прифатила обврски штетни за државниот буџет т.е. плаќање казнени трошоци во износ од 53 милиони евра, доколку работната недела не биде продолжена од 40 на 60 часа неделно“, пишува во барањето на пратениците.
Пратеникот Антонио Милошоски, еден од потписниците на барањето денеска на прес конференција изјави дека кога станува збор за буџетските трошења, договорот треба да биде јавно достапен за јавноста да биде сигурна дека овој проект е од јавен интерес, а не од интерес на поединци, кои би имале одреден процент или провизија.
„Во договорот има штетни клаузули кои прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд, што е кривично дело“, рече Милошоски.
Тој кажа дека потпишаните пратеници до премиерот ги испратиле и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати за да може да го добијат договорот.
„Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа односно да гласаат за измена на закони кои се однесуваат на договорот, а договорот да се држи во тајност. Сакаме да видиме дали државата е потчинета. Сакаме да видиме исто така кој суд е надлежен во случај на спор помеѓу двете страни, кои цени се утврдени за градежните материјали и дали сите цени се утврдени или некаде се оставени отворени. Накратко, граѓаните и пратениците имаат право да знаат како се трошат даночните средства од државниот буџет“, изјави Милошоски.
Тој кажа дека доколку премиерот Ковачевски не им го достави на пратениците договорот за изградба на автопатиштата тогаш тие ќе продолжат со притисоци до владата, но исто така е сигурен дека договорот нема да остане уште долго време во тајност затоа што, како што кажа Милошоски, има и совесни административци кои се обидуваат на одреден начин да објавуваат дел од овој договор.