среда, 6 ноември 2024

Посветени на спроведување на реформите, вели заменик министерката Викторија Трајков

Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска присуствуваше на трибина организирана од фондацијата Конрад Аденауер на тема „Проширувањето и Западниот Балкан – Предизвици и можности“.  Таа истакна дека македонските граѓани, како и оние од останатите земји во Западен Балкан, неуморно бараат можности за достоинствен живот и европски перспективи, што често ги води кон миграција во земјите од ЕУ.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Овој процес, обременет со политички и економски предизвици, вклучува долгорочни реформи и предуслови кои треба да ги исполнат земјите кандидати за да станат полноправни членки. Дебатите, ветувањата и сложените преговори создаваат чувство на исчекување и замор кај граѓаните на регионот, кои секојдневно посакуваат да видат побрзи промени и подобрување на животниот стандард“, истакна Трајков на панел дискусијата. 

Таа додаде дека новата Влада на Република  Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е целосно посветена на спроведување на реформите. 

„Додека се соочуваме со предизвиците на патот кон членството, неопходни се силни реформи особено во областите на владеење на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на правосудниот систем. Политичката волја, поддршката од домашните институции и постојаните напори за подобрување на економските и социјалните услови се клучни за успешен пристапен процес“, посочи Трајков.

Придобивките од членството во ЕУ се значителни. Интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ ќе отвори врати за економски раст, зголемени инвестиции и подобра инфраструктурна поврзаност, што ќе придонесе за економски развој и отворање на нови работни места. Членството ќе донесе стабилност и мир за регионот. Пристапувањето ќе овозможи пристап до европските фондови и програми кои нудат финансиска и техничка поддршка за реализација на потребните реформи, што ќе биде од големо значење за економската и социјалната трансформација на земјите од регионот, потеницраше заменик министерката на трибината посветена на проширувањето и Западниот Балкан – Предизвици и можности. 

Трибината заврши со заклучок дека проширувањето кон Западниот Балкан е сложен, но неопходен процес кој ќе придонесе за стабилна и просперитетна иднина на регионот во рамките на ЕУ. Со заеднички заложби и поддршка, земјите од Западен Балкан и ЕУ можат да изградат интегриран регион кој ќе биде дел од европското семејство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ