четврток, 13 февруари 2025

Поранешен шеф на Гугл за ВИ: Секогаш сум загрижен за „сценариото на Осама Бин Ладен“

Поранешниот извршен директор на Гугл Ерик Шмит предупреди на „екстремен ризик“ од терористи или непријателски држави кои користат вештачка интелигенција (ВИ) и ги повика владите да ги надгледуваат приватните технолошки компании.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мојот вистински страв не е оној што повеќето луѓе го споменуваат кога зборуваат за вештачка интелигенција – зборувам за екстремен ризик“, изјави Шмит за Би-би-си, спомнувајќи ги Северна Кореја, Иран или Русија како земји кои би можеле да имаат зли намери и цели.

Шмит, кој беше на високи позиции во Гугл од 2001 до 2017 година, рече дека технологијата може да се користи за создавање биолошко оружје.

„Секогаш сум загрижен за ‘сценариото на Осама Бин Ладен’, каде што имате некоја навистина злонамерна личност која зема аспект од нашиот модерен начин на живот и го користи за да им наштети на невини луѓе“, рече тој.

Имајќи предвид дека развојот на вештачката интелигенција го водат приватни компании, Шмит ги повика владите внимателно да го следат и регулираат процесот. „Навистина е важно владите да разберат што правиме и да внимаваат на нас“, рече тој.

Неговите размислувања уследија по дводневниот самит за вештачка интелигенција што се одржа во Париз, каде што Обединетото Кралство им се придружи на САД со тоа што не потпишаа изјава за идниот правец на оваа технологија.

Декларацијата за „инклузивна и одржлива вештачка интелигенција за луѓето и планетата“ ја потпишаа 57 земји, меѓу кои Индија, Кина, Ватикан, членки на Европската унија и Комисијата на Африканската унија.

Велика Британија на затворањето на самитот во вторникот објасни дека одбила да ја поддржи заедничката изјава затоа што не дава доволно „практична јасност“ за „глобалното управување“ со вештачката интелигенција или не решава „посериозни прашања“ за националната безбедност.

Кога новинарот на Скај њуз го праша Алекс Норис, парламентарниот потсекретар за домување, заедница и локална управа, дали ова е одлука донесена за Британија да е понаклонета кон новата американска администрација, тој одговори: „Не (…) ние не ги донесуваме одлуките така. Ги донесуваме врз основа на она што е најдобро за британскиот народ. И тоа е она што го направивме во оваа ситуација, како што би направиле во секоја глобална или домашна ситуација“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ